ЕОС Консалтинг Акционерско друштво Рим Италија странска подружница во Република Македонија ЕОС КОНСАЛТИНГ Скопје е целиот назив на компанијата која во изминатите три години има инкасирано над еден милиони евра, што од државните институции, што од Специјалното Јавно Обвинителство.
Се работи за постапки кои во изминатиот период се проследени со низа на скандали, ако се има предвид дека компанијата вршеше вештачења кои беа прифатени на суд иако како странска подружница не може да има лиценца за оваа дејност и да врши вештачења.
пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ
Подружницата на ЕОС во Скопје е основана 03.04.2015 а уште веднаш се поставени двајца директори на компанијата со неограничени овластувања, се работи поранешниот висок функционер на сега владејачката СДСМ, Димитар Бузлевски и извесен Емануеле Рикобене од Рим, кој е син на сопственикот на фирмата мајка на оваа компанија.
Тајмингот на основање на ЕОС, кореспондира со деновите кога се одвиваа преговорите за разрешување на тогашната политичка криза од кои произлезе поставувањето на Катица Јанева за Специјален Јавен Обвинител, а во исто време, првите пари за консултантски услуги од државата компанијата ги добива од Министерството за здравство за надзор на градба на 05.10.2015 или само 10 дена по поставувањето на Јанева за Специјален Јавен Обвинител.
Доколку се истражува на сајтот за јавни набавки ќе се види дека оваа компанија во периодот од октомври 2015 до септември 2017, за само две години, добила 36.177.779 денари или нешто над 588.000 евра пари од институциите за консултантски услуги, најчесто за надзор на градба. Како клиенти на ЕОС се јавуваат Министерството за здравство, Министерството за образование, Општина Илинден, Оппштина Прилеп и Град Скопје. Убедливо најголеми средства се издвоиле од Град Скопје во последната јавна набавка за оваа компанија со договор склучен на 05.09.2017, кој изнесува точно 30 милиони денари, за кои ЕОС треба да изведува надзор при градба.
Овие суми, не би го запалиле црвениот аларм за работењето на ЕОС Консалтинг, доколку, како најстрого чувана тајна не се криеше податокот колку оваа компанија инкасирала од Специјалното Јавно Обвинителство, за вештачењата кои од ЕОС ги прават за СЈО.
ЕОС главни вештаци – СЈО крие колку ги плаќа!
Имено, експертите ангажирани од СЈО за вештачењее на случаите кои се водат а се поврзани со градежништво – најчесто доаѓаат токму од ЕОС иако оваа компанија нема лиценца за вештачење, затоа што според законите и нивното толкување од Министерството за економија, компании кои се подружници на странски фирми не смеат добијат ваква лиценца затоа што се работи за правни лица кои не се основани во земјата.
Според нашите сознанија, од Катица Јанева на ЕОС за овие консултантски услуги до сега му префрлила 500.000 евра во четири очи, а срествата, спротивно на закон, се прокнижени како „општа ставка“, која во извештајот за работа на обвинителството изнесува повеќе од една четвртина од вкупните сретстава кои му стојат на располагање на СЈО, вкупно 1.100.000 евра во 2016, а за 2017 и покрај пробивањето на законските рокови од обвинителството на Јанева сеуште немаат презентирано извештај.
Економски Лидер се обиде да стапи во контакт со СЈО, каде што сакавме да ги прашаме колку пари издвоиле за ЕОС и зошто не распишале тендер за овие набавки, но до сега немаме никаков одговор, како што немаме ни одговор на прашањето како е можно да се ангажира компанија без лиценца да извршува вештачење кое подоцна се претставува пред судот.
Во исто време, се поставува прашањето, зошто Јанева одлучила да ангажира вештаци на ваков начин и да потроши огромна сума на државни пари, ако се има предвид дека согласно законот, од Бирото за вештачења се должни на обвинителството да му изготвуваат вештачења без никаков надомест. Со што, се остава простор за злоупотреба на буџетот.
Скандалозен е и случајот со двајцата вештаци на ЕОС, Страхил Глигоров и Небојша Арсовски, кои со истечена лиценца изготвувале вештачења со истечена важност на нивната лиценца за вештаци.
Бузле ги направи парите, па се повлече!
Документите во централниот регистар покажуваат дека поранешниот висок функционер на СДСМ, Димитар Бузлевски од Ресен, е еден од луѓето кои ја основале ЕОС во Македонија. Документот, може да го видите во прилог на ова истражување.
Покрај него, основач е и Емануеле Рикобене од Италија, кој е син на сопственикот на компанијата во Рим, Либорио Рикобене.
Пред извесен период, откако компанијата ги остварила овие финансиски средства за консултантски услуги, Бузлевски ја напуштил, па на негово место дошол извесен Невен Биелич. Сепак, ова останува како белег, ако се знае фактот дека човекот кој во последните 26 години е исклучиво активен во политиката ја довел оваа компанија до ваков успех и можност за сомнителни дилови со СЈО, кои спротивно на закон, без лиценца им овозможувале на консултантите на познатиот Бузле да вршат вештачење.
Инаку, во периодот од 20 декември 1994 година до 29 мај 1997 година Бузлевски ја извршуваше функцијата Министер за урбанизам, градежништво, транспорт и екологија на Република Македонија, и до 1998 година беше потпретседател на Владата на Република Македонија.
Бузлевски бил и член на пратеничката група на Собранието на Македонија за соработка со Парламентот на Република Албанија, член на пратеничката група на Собранието на Македонија за соработка со Парламентот на Република Полска. Во 1998 година бил избран за пратеник на Собранието на Македонија.
На Локалните избори од 2005 година, Бузлевски беше избран за Градоначалник на Општина Ресен, и на оваа функција се задржал до 2009 година. Во 2012 година беше исклучен од членството на СДСМ, по кое на Локалните избори од 2013 година се кандитираше повторно за Градоначалник на Општина Ресен, но на изборите на победи. Сега влегува во бизнис со огромни тендери.
Прилози:
ЕОС Консалтинг, тековна состојба: https://drive.google.com/file/d/1miS01nXuZQdOjt-tldRi8Ul6er6TopzP/view?usp=sharing