Македонија 11. јануари 2020. / 18:48

Емил Јакимовски напаѓа нoвинарки – партиите со меѓусебни обвинувања

Емил Јакимовски напаѓа нoвинарки – партиите со меѓусебни обвинувања

Заканите и навредите што Емил Јакимовски, вработен во Централен регостар, ги упати до уредничката на А1.он, Мери Јордановска, ја разбрануваа јавноста.

Станува збор за најновиот случај за закани кон новинари, коишто како што предупредија од Здружението на новинарите на Македонија, од каде што остро ги осудија заканите кон Јордановска, може да се очекува во предизборниот период да бидат се почести.

Уште пострашно во овој случај е тоа што има индиции дека ваквите постапки на Јакимовски, имаат длабоко политичка позадина.

Така, по објавувањето на заканите, од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со соопштение во кое остро ги критикуваат искажаните навреди и закани од страна на Јакимовски. Истовремено, од партијата обеледенуваат дека поседуваат конкретни докази за честа комуникација на Јакимовски со висок функционер на СДСМ од Крива Паланка и бараат сериозно да се истражи дали целта на таквата честа комуникација на Јакимовски со СДСМ имала за цел координација за постапките на Јакимовски кон новинарите.

– Тоа што во медиумите се прикажува СДСМ за лажен душегрижник за новинари, а во реалноста висок функционер на СДСМ има честа координација со Јакимовски го покажува лицемерието на СДСМ и нечесните намери. Доказите за таквата координација ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави до МВР, по што ги повикуваме да извршат вештачење на доказите и комуникацијата помеѓу високиот функционер на СДСМ и Емил Јакимовски со цел да се дознае вистината, а од друга страна да се утврди дали станува збор за уцена од страна на СДСМ и нивниот функционер врз ова лице – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнителна загриженост предизвикува и тоа што заканите на Јакимовски кон Мери Јордановска не се изолиран случај, а за тоа сведочи и уредничката на телевизија Алфа, Искра Коровешовска.

Таа истакнува дека како новинар нема да молчи пред заканите од кого било, без оглед на тоа дали станува збор за приватно лице, службеник или партиски функционер. Притоа, Коровешовска потенцира дека истиот тој Јакимовски, кој со најпогрдни зборови се нафрли врз Мери Јордановска, на истиот начин во повеќе наврати вербално ја нападнал и неа. За такво нешто Коровешовска поседува докази.

– Лицето Емил Јакимовски ….удри врз мојата чест како новинар, како човек и како жена, навредувајќи ме на најодвратен начин и што е уште пострашно сето тоа го проследи со најприземни закани во стилот „ќе видиш ти што ќе ти се случи кога ќе ме сретнеш надвор“! Не се плашам ниту од него, ниту од неговите мизерни закани, но сметам дека јавноста мора да знае какви морално деградирани луѓе се шеткаат меѓу нас и се обидуваат да ги задоволат своите изопчаени потреби и мали ега преку бесмислени обиди за понижување на девојки и жени. Исто така, очекувам соодветна реакција од МВР бидејќи не сме само јас и Мери во прашање, овој човек има долга листа на вербална дијареја кон претставничките на понежниот пол и крајно време е да биде казнет за она што го прави – истакнува Коровешовска.

Притоа, Коровешовска алармира и на непрофесионалниот начин и некоректниот однос што кон неа ја имале полициските службеници кога се обидела да ги пријави заканите од Јакимовски во полициската станица на реон Аеродром, по консултација со портпаролот на министерството.

– Од дежурниот инспектор (се вознемирив од разговорот и не го прашав за името) бев примена на прилично некултурен, арогантен начин, со прашања од типот „за што да го барам јас тој, за твојата поплака, па може и да не го најдам…а ти се случило ли нешто па што си дошла“ велам „не“ „е па, што сакаш? Да го заплашуваш ти него! Знаеш ли ти колку кражби имам денеска“. Инспектор во полициска станица Аеродром (кој инаку денеска е на работа до 7) вака се обраќа на жена, што прв пат ја гледа, која дошла да пријави вознемирување, закани и навреди за што има докази?!?! И сето тоа на „ти“, со тон на кавга и држење лекции?! Зошто побогу? Се надевам вакви службеници не ги има многу. И дека МВР сериозно ќе се позанимава со конкретниов инспектор. Во понеделник ги доставувам доказите лично до началникот на компјутерски криминал. И уште нешто за Емил. Ваквите пациенти не бираат на кого удираат, верувам најмалку ги интересира дали неговите жртви се нечии деца, сопруги, ќерки… туку само сакаат да ги исполнат своите искривени потреби да бидат силни мажишта преку тероризирање на жените. Целосна поддршка за Мери што се осмели да го пријави Емил… и порака до сите потенцијални останати жртви да не молчат и да го сторат истото како мене и неа – пишува Коровешовска.

Постапките на Емил Јакимовски излегоа во јавноста кога Мери Јордановски ги објави неговите закани во кои, меѓу другото и и порачува дека ќе се најде на некролог.

– „Гуска“, „пропагандистичка ороспија“, „да те искреираат на некролог“.
Мал сегмент од монологот на „ничим прозваниот“ Емил Јакимовски, кој од 5 до 6 часот изутрина ми се закануваше без престан, не знаејќи ниту каде работам и цитирајќи текстови кои не сум ги напишала – објави Јордановска.