Новинарот Васко Ефтов ја најави новата сезона од неговата емисија Во Центар, која ќе започне во недела.
Како загревање пред емисијата Ефтов даде осврт на вчерашниот дуел помеѓу потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Според Ефтов, Димитров не знал да го одбрани Договорот од Преспа, зошто најверојатно тие кога го потпишуваа не ја знаеле содржината.
-По традиција секоја година новата телевизиска сезона ја почнувам во последната недела во септермви. Оваа година (недела) поради референдумот, тоа ќе биде во форма на моја анализа (интервју) на крајот од референдумската вечер. Така што во недела после 22 и 30 ќе се дружиме на ТВ Алфа. Како загревање за недела: Вечерва го гледав министерот за надворешни работи Никола Димитров. Го поканивме на Алфа, но тој одбра да има телевизиски дуел со Александар Николоски на ТВ Телма. Не е суштината дека Димитров го изгуби дуелот, за мене беше запрепастувачки дека човекот кој го договараше и го потпиша договорот со Грција така лошо го бранеше истиот договор. Што го отвара прашањето дали тие навистина преговарале или еден сончев ден во јуни некој пред врата им оставил договор кој на невидено го прифатиле, го потпишале и сега го бранат. Тоа е ДХЛ политика: Прво некој во 2015 ви остава бомби пред вратата, потоа ви остава договор за Северна Македонија пред вратата и на крај пред вратата ќе ви остави сметка за ручекот (доаѓање на власт) кој сте го изеле без да го платите. Така завршуваа и најдобрите глумци кога прифаќаат (или се уценети) да глумат во лоши филмови. Филмот во кој вечерва глумеше Димитров се вика Северна Македонија и беше тешко да се гледа министер за надворешни работи кој не беше во состојба да ја одбрани својата политичка капитулација!, напиша Ефтов на Фејсбук.