Помина точно една година од првиот потврден случај на заболен од Ковид-19 во земјава, а пандемијата се уште не стивнува. Веќе започна имунизацијата на медицинскиот персонал кој работи во ковид-центрите со вакцината на „Фајзер“, а деновиве треба да пристигнат и 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“ по што, според најавите од надлежните, ќе почне масовната имунизација на населението.
Првиот потврден случај беше жена од Скопје родена 1970 година која престојувала во Италија и во земјава допатувала преку граничниот премин Табановце на 26 февруари 2020 година, превезувајќи се во комбе во кое имало уште неколку лица. Веднаш беше сместена на интензивна нега во одделот за изолација на Инфективната клиника во Скопје по што властите почнаа со спроведување мерки меѓу кои беше и 14-дневна изолација на останатите патници во комбето. На почетокот не препорачуваа здравите луѓе да носат маски, а потоа препорачаа да се носат и ракавици и маски за заштита од коронавирусот.
Иако првите проценки беа дека во земјава ќе се заболат само 2.000 лица и дека ќе има само неколку починати, досега вкупната бројка на Ковид дијагностицирани лица од почетокот на пандемијата изнесува 101.214, бројката на оздравени пациенти е 90.685, на починати е 3.111, а бројот на активни случаи изнесува 7.418.
Во изминатото деноноќие регистрирани се 582 нови случаи на Ковид-19 од направени 2.972 тестирања, починати се 13 лица на возраст од 48 до 89 години сите во болнички услови, а регистрирани се 374 оздравени пациенти.
Вкупниот број пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 671 и има околу 400 празни болнички кревети во ковид центрите. Во изминатите 24 часа само во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 24 нови пациенти поради компликации од коронавирусот со што вкупно 248 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
На почетокот на пандемијата бројот на заболени беше многу мал, а земјава прва во регионот воведе строги мерки за заштита од коронавирусот меѓу кои и полициски час. Во мај постепено почнаа да се олабавуваат мерките што придонесе за значително зголемување на заболените и појава на првите смртни случаи од Ковид-19. Летото помина релативно добро и покрај ризикот од одржувањето на Парламентарните избори кои првично беа закажани за 12 април, но беа неколку пати одложувани заради пандемијата. Сепак се одржаа на 5 јули и според властите не придонесоа за зголемување на бројот на заболени заради преземените мерки за заштита на гласачите и членовите на избирачките одбори и комисии.
Заради коронавирусот беше одложен и почетокот на училишната година која наместо во септември почна во октомври со претежно онлајн настава. Исклучок беа децата од прво до трето одделение кои посетуваа настава со физичко присуство и дел од училиштата во руралните средини, како и некои средни стручни училишта во кои е неопходно физичко присуство заради практична настава.