Македонија 19. септември 2018. / 09:21

Џорџ В. Буш со поддршка за референдумот во Македонија

Џорџ В. Буш со поддршка за референдумот во Македонија

Поранешниот претседател на САД Џорџ Буш му се обрати на македонскиот народ во писмо, кое го објави Атлантскиот совет во Вашингтон .

Во него се вели уште од првиот ден на вашата независност, Соединетите американски држави се ваш постојан пријател, „Американскиот народ се восхитуваше на вашето мирољубиво издигнување од пепелта на Југославија. Ја почитуваме вашата храброст да се придржувате до демократските вредности и слободните институции. И го поддржуваме вашиот стремеж за остварување на напредок и безбедност во Европа, која е цела, слободна и живее во мир“, вели Буш.

Тој нагласува дека како претседател на САД имал чест да го поддржи претседателот Трајковски во 2001, кога тој ја оттргнал Македонија од работ на граѓанската војна во правец на општество дефинирано со мултиетничко разбирање и владеење на правото.

„ И бев горд кога Соединетите држави ја признаа Република Македонија под нејзиното уставно име во 2004“, рече Буш.

Тој вели дека договорот од Преспа, сега пред неговата ратификација, е храбар и фер компромис, кој ќе ја стави Македонија на патот кон влез во Европската унија и НАТО, и што ќе осигура светла иднина, која претседателот Трајковски ја имал замислено.