Македонија 21. јануари 2021. / 13:00

Џафери – Вуцас: Без членство на земјите од Западен балкан, ЕУ не е целосна

Џафери – Вуцас: Без членство на земјите од Западен балкан, ЕУ не е целосна

Претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери се сретна со амбасадорот на Република Австрија во Македонија, Н.Е. Георг Вуцас.

Џафери изрази задоволство што во австрискиот парламент неодамна е формирана Група за пријателство со Собранието и што претседателката на Групата, г-ѓа Стефани Криспер, во допис до претседателот на Групата од наша страна, пратеникот Арбер Адеми, иницира интензивирање на соработката во насока на поддршка на нашите аспирации за започнување на
преговорите за членство во Европската унија.

Тој истакна дека, во Македонија високо се цени фактот што Австрија отворено се залага за процесот на проширување на ЕУ и дава силна поддршка на спроведувањето на реформите, пред сè во поглед на стабилноста и владеењето на правото. Џафери изрази надеж дека на австриската поддршка ќе можеме да сметаме и во наредниот период.

Амбасадорот Вуцас, нагласи дека со жалење ја примија веста за неодржувањето на првата меѓувладина конференција за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија и ја повтори позицијата на Австрија дека државите од Западен Балкан и историски и географски припаѓаат на Европа и дека без членство на овие држави, Европската Унија не е целосна.

За Македонија рече дека, претставува светол пример за тоа како со добра волја се надминуваат разликите и се постигнува целта.

Двајцата соговорници изразија посветеност за продолжување на соработката и во однос на формирањето на Работилница за демократија во Собранието на Македонија по урнекот на онаа која делува во рамките на австрискиот парламент.