Македонија 03. септември 2020. / 12:09

Џафери – Тимоние: Собранието е клучна институција за успешно функционирање на системот

Џафери – Тимоние: Собранието е клучна институција за успешно функционирање на системот

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска имаше средба со амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние.

Џафери изрази благодарност за поддршката од Француската Република во напорите за исполнување на стратешките приоритети на земјава и задоволство од плодната билатерална соработка.

Тој го информирал францускиот амбасадор за претстојните активности на Собранието за изборот на комисии, делегации и пратенички групи за соработка, како и усвојување на легислатива во врска со европскиот процес, борбата против Ковид-19 и напорите за отстранување на економските последици од пандемијата.

-Амбасадорот Тимоние упати честитки за повторниот избор на Џафери на функцијата претседател на Собранието на Република С. Македонија и изрази уверување дека улогата и видливоста на Собранието, кое е клучна институција за успешно функционирање на системот, ќе продолжат да се зацврстуваат и во наредниот период. Тој оцени дека парламентарната контрола е од големо значење и изрази поддршка за работата на Националниот совет за евроинтеграции, каде што треба да се постигне консензус за клучните прашања од овој процес, информираат од Собранието.

На средбата било нагласено дека континуитетот и продлабочувањето на одличната соработка меѓу Собранието на Република С. Македонија и Национално собрание и Сенатот на Француската Република, во голема мера можат да придонесат за унапредување на севкупните билатерални односи и пријателство меѓу двете земји.

-Истакнувајќи го значењето на парламентарната дипломатија, соговорниците изразија надеж дека договорените возвратни посети на француски парламентарци во С. Македонија ќе се реализираат штом ќе се подобрат здравствените услови, велат од Собранието.