Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека според него нема да биде проблем со закон да се поништи лустрацијата.
Според првиот парламентарец, блокадите во Собранието што се случуваат поради одредени законски решенија, како ова за поништување на лустрацијата, се поради извесноста од предвремените парламентарни избори и оти се тоа е во рамки на кампања.
– Ниту сум го гледал материјалниот дел, ниту пак е моја надлежност да го гледам материјалниот дел. Тоа е работа на Собранието, што ќе одлучи Собранието тоа е и моја одлука. Јас како пратеник сум го поддржал законот за лустрација, не сум имал проблем со тој закон, ниту пак имам проблем со новиот закон. Во тој контекст посебен коментар не би требало – изјави Џафери.
За можноста законот за поништување на лустрацијата да предизвика уште една блокада во Собранието и за тоа како ќе се справи со тоа тој вели дека неговиот план е Собранието да се самораспушти на 12 февруари, а до тогаш е избор на самите пратеници и пратеничките групи што и како ќе прават.
-Извесно е дека одиме на избори и тоа е се во рамки на кампања – вели Џафери.
Џафери вели дека законите за одбрана и за јавнообвинителска дејност ќе можат да се донесат доколку се собере двотретинско мнозинство во Собранието.