Македонија 15. March 2019. / 16:05

Џафери – Лорензо Сера: Собранието ќе продолжи а ги исполнува обврските од Договорот од Преспа

Џафери – Лорензо Сера: Собранието ќе продолжи а ги исполнува обврските од Договорот од Преспа

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери денеска оствари работна средба со амбасадорот на Кралството Шпанија Емилио Лорензо Сера на која станало збор за тековните активности на Собранието во контекст на реформите за евроатлантските интеграции и имплементацијата на обврските од Договорот од Преспа.

Како што соопшти собраниската прес-служба, амбасадорот Лорензо Сера му честитал на Џафери за усвоените уставни измени кои го отворија патот на Република Северна Македонија да може да продолжи со процесот на интегрирање во НАТО.

-Претседателот Џафери во текот на разговорот го информираше соговорникот и за тековните активности на законодавниот дом и го увери дека Собранието ќе продолжи до крај да ги исполнува обврските кои извираат од Договорот со Грција-се наведува во соопштението.

 

Амбасадорот Лорензо истакнал дека Кралството Шпанија има цврсти ставови за поддршка на Република Северна Македонија во нејзините стратешки цели да стане полноправна членка на Европската Унија и на НАТО заедницата.

Средбата се одржа во рамките на предвидените средби со амбасадорите на земјите кои веќе се членки на НАТО, стои во соопштението.