Претседателот на парламентот Талат Џафери вели дека Собранието не може да се состане за да прогласи вонредна состојба, како што предложи денеска владата. Како конкретна причина за тоа, го наведе фактот што Собранието е распуштено, а како индиректна причина посочува на мерките за заштита од коронавирусот кои забрануваат собири во поголеми група.
– Предусловите за одржување на изборите се невозможни и непотребни и свесни сме за новата состојба. Изборите не треба да се одржуваат. Од правен аспект, заклучокот е дека Собранието не е во можност да се собере. Во тој контекст, предлогот беше неопходно да се објави вонредна состојба, која ќе овозможи други институции соодветно да делуваат. Од владата ќе биде упатена предлог одлука, јас ја очекувам таа во секој момент да ја добијам. Истата предлог одлука врз основа на Уставот, поради општа констатација дека Собранието не може да се собере, ќе биде упатена кон претседателот на државата. Од формален аспект, Собранието не може да се собере поради мерките за забрана на собирање за поголеми групи во една просторија, истакна Џафери.
Откако ќе го добие владиниот предлог за прогласување на вонредна состојба, претседателот за Собранието Талат Џафери ќе го препрати на претседателот Стево Пендаровски за тој да ја прогласи вонредната состојба.