Македонија 27. ноември 2019. / 12:03

Џафери: Без политички консензус и пред избори не се прават промени на изборниот модел

Џафери: Без политички консензус и пред избори не се прават промени на изборниот модел

Предлозите на група пратеници за промена на изборниот модел и за отворени листи се во собраниска процедура. Но, мислам дека во вакви измени на изборното законодавство не треба да се влегува во последните месеци од работата на Парламентот и без постигнат политички консензус, изјави денеска претседателот на Собранието Талат Џафери на брифинг со новинарите.

Џафери посочи дека од група пратеници како овластени предлагачи до Собранието се поднесени два предлога за измени на Изборниот законик, еден по однос на моделот и еден за отворени листи и по процедура тие би можеле да се најдат на дневен ред на некоја од наредните седници.

-Но, мислам дека без општ консензус не би требало да се влезе во таков проект. Вообичаено такви проекти не се реализираат во последните месеци на работа на Собранието затоа што промената бара и соодветни промени во моделот и во активностите на други институции. Во тој контекст, мислам дека не би требало да се влезе во измени – oбјаснува Џафери.

Според него, доколку се влезе во такви измени, тоа треба да биде на почетокот на мандатот на собранискиот состав, со цел, како што рече, да може да се остави простор и можност за другите институции да можат да ги спроведат одредбите од тие измени.

Тој на денешната средба со новинарите кажа и дека засега нема никакви најави за одложување на изборите. Како што појасни, на 2 или 3 јануари треба да има седница за избор на нова техничка Влада на 100 дена пред изборите, а на 30 или 31 декември да има, како што рече, одредени сигнали за членови на таа нова техничка Влада.