Обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери на 64-тата сесија на Парламентарното собрание на НАТО:
-Би сакал на почетокот на моето обраќање да ја поздравам поддршката на претседателката на Парламентарното Собрание на НАТО, г-ѓа Раза Јукневичиене за Република Македонија на нејзиниот пат кон НАТО Алијансата, како и ангажманот на НАТО преку испраќањето на поканата за членство на Република Македонија во НАТО пред неколку месеци. Особено радуваше фактот што во нејзината програма за работа, меѓу другото како приоритет беше наведена политиката на партнерство и на отворени врати, односно членството на државите од Западен Балкан, Украина и Грузија во НАТО. Со ваша дозвола, ќе направам една мала ретроспектива за нашата присутност во НАТО алијансата.
Република Македонија, како асоцијативна членка е присутна во Парламентарното Собрание на НАТО од 1994 година. Лично јас, во 2010 година, тогаш како пратеник, ја предводев делегацијата на Собранието на Република Македонија. Да потсетам, во овој период ние бевме и домаќини на седум сесии на Рос-Рот семинарот. Последната, 98-ма сесија се одржа во Скопје во јули оваа година.
Сето ова зборува, не само за нашето формално присуство во цивилните структури на НАТО, туку заедно и со учеството на нашите војници во мировните мисии предводени од НАТО во Ирак и Авганистан, го покажува нашиот активен придонес, се разбира во рамките на нашите можности, во зачувување на мирот кој е неделива категорија. За цело тоа време, колку и да е нашиот придонес мал или голем, има нешто што е кажано и повторено гласно од сите кои соработувале со припадниците на нашите безбедносни сили а кои се дел од мировните операции на НАТО, а тоа е дека тие се вистински професионалци со високо присвоени вредности, вештини и стандарди, еднакви на сите припадници на НАТО структурите. Тоа е потврда дека учиме, растеме и се развиваме, како безбедносни сили меѓутоа, во исто време, и како општество, и како држава.
Тука, иако по образование сум војник и професионално сум бил активен офицер а подоцна и министер за одбрана, колку и да ми е при срце таа димензија, јас сепак ќе ја прескокнам воената димензија и ќе ја истакнам втората, цивилната компонента на НАТО организацијата. Односно, Република Македонија уште во 1991 година кога стана независна, самостојна држава, го избра патот по кој што ќе се движи и развива, т.е. исполнување на условите за полноправно членство во евроатланското семејство. Таа определба беше ѕвезда водилка која одигра многу позитивна улога во целокупните процеси на транзиција на државите во Југоисточна Европа меѓу кои секако е и Република Македонија. Односно, преку нејзе ние учиме и ги прифаќаме принципите и стандардите на парламентарната демократија, почитувањето на индивидуалните и колективните човекови права и слободи, владеењето на правото и правната држава…
Целиот говор можете да го прочитате ТУКА.