Македонија 21. јули 2020. / 09:43

Двоцифрен број починати и над 13% позитивни од тестираните покажуваат дека Ковид-19 зема замав

Двоцифрен број починати и над 13% позитивни од тестираните покажуваат дека Ковид-19 зема замав

Двоцифрен број починати пациенти и позитивни 13,3% од тестираните граѓани се најновите показатели дека епидемијата на Ковид-19 во Македонија и натаму зема замав.

Бројките за минатото деноноќие покажуват дека корона вирусот бил потврден кај 96 лица од 724 направени тестирања, а во истиот период починале 10 пациенти. Четворица од нив се од Скопје, два од Куманово и по еден пациент од Штип, Тетово, Гостивар и Кичево. Регистрирани се 61 оздравен пациент.

Со овие бројки, вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 9.249, оздравени се 4.871, а починати се 432 пациенти. Бројот на активни случаи во земјава изнесува 3.946.

Од вкупниот број активни случаи во Скопје има 1.880, во Штип 300, во Тетово 299, во Куманово 226, во Гостивар 196, во Струга 188, во Свети Николе 185, во Охрид 129, во Дебар 111.

Досега во земјата се направени вкупно 86.543 тестирања на Ковид -19.

На Инфективната клиника примени се пет пациенти, вкупно се хоспитализирани 91 пациент од кои на кислородна поддршка се 43 пациенти и нема пациенти на респираторна машина. Во болницата во Козле се хоспитализирани 16 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, шест позитивни деца, две деца и една мајка суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ примени се пет пациенти, вкупно хоспитализирани се 92 пациент од кои на респираторна машина се тројца пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 36, а во болницата во Штип се хоспитализирани 51 пациент. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 133 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.