Двајца гости во хотел во центарот на Скопје моментално се тестираат за евентуална инфекција од корона вирус, информираше на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Како што кажа тој, едниот од двајцата е жител на Австралија, а другиот е од Сингапур. И двајцата допатувале во земјава на 28 февруари, со лет преку Келн, Германија, а изминатите неколку дена пројавиле симптоми на настинка.
Резултатите од испитувањето министерот ги најави за неколку часа.
– Тие за сега ќе останат во хотелската соба каде се сместени, објасни Филипче
Дополнително информираше дека утрово оствариле состанок со Комисијата за заразни болести и Комитетот за состојбата со коронавирусот, каде до него било предложено да се одложат масовните собири и спортските натпревари да бидат без публика до 13-ти март.