Македонија 02. март 2020. / 14:06

Двајца лекари кои биле во Мадрид се испитуваат од корона вирус

Двајца лекари кои биле во Мадрид се испитуваат од корона вирус

Во изминатото деноноќие нема новопријавени пациенти со индиции за коронавирус.

Единствената пациентка кај која беше потврден коронавирус е во добра состојба и е на Клиниката за инфективни болести. Таа  веќе трет дена нема температура, што значи дека состојбата се стабилизира. Карантинот, односно изолацијата се одвива добро и без проблеми. Нема проблеми во делот на полицискиот надзор, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека епидемиолозите се во редовен контакт со луѓето кои се во домашна изолација.

– Има доволно тестови, близу 1.000. Досега се тестирани 13 лица, сите тестови беа негативни, а состојбата и натаму внимателно се следи. Во тек е набавка на дезинфекциски средства за училиштата и за надополнуивање на резервите од каде во моментов се испраќаат до јавните здравстени институции, до МВР, за граничните премини…, рече Филипче.

Тој соопшти дека викендов во земјава пристигнале над 10 автобуси на ГП „Табановце“,  а во петокот и два авиони во Скопје и во Охрид. Сите патници се испрашани според утврдениот протокол и нема податок оти некој е заболен или бил во контакт со некој болен во ризичните региони во Северна Италија.

– Од СЗО вчера добивме известување дека двајца македонски лекари биле на конгрес во Мадрид, а кај еден од предавачите било потврдено дека бил заболен од корона вируис. Двајцата македонски лекари се вратиле во земјава во саботата, вчера биле дома и освен со домашните немале контакт со други лица. Тие денеска ќе бидат тестирани на Инфективната клиника и ќе им биде одреден здравствен надзор, во домашни услови, во траење од две недели, рече Филипче.

Имајќи предвид дека докторите немале директен контакт со заболениот предавач, се претпоставува дека е мал ризикот тие да се заразени или да се преносители. Но, во секој случај ќе се почекаат резулататите.

Според него, нема да се  продлжи препораката за неодржување јавни собири што е во сила до 6. месецов, ако нема новозаболени и се во добра состојба лицата кои се во домашна изолација.

– Ако состојбата остане непроменета односно без нови случаи на заболени од коронавирус, согласно со состојбата на лицата кои се во домашен каратин, ќе се донесе соодветна одлука. Ако нема новозаболени и луѓето во карантин немаат симптоми препораката нема да биде продолжена, но состојбата ќе се следи днево и ќе се одлучува согласно тоа, рече Филипче.

Тој информира дека се при крај контролите на аптеките во врска со наводите за зголемени цени на средствата за заштита. Според досегашаните согледувања нема зголемување на цените, но целосната состојба ќе биде позната по завршување на контролите, посочи министерот за здравство.