Македонија 12. април 2020. / 11:44

Дурловски до власта: Надминете ги суетите и почнете да работите за доброто на граѓаните

Дурловски до власта: Надминете ги суетите и почнете да работите за доброто на граѓаните

Оперскиот пеач Игор Дурловски објави фејсбук статус на денот, како што вели, на кој монструозно, ладнокрвно се убиени нашите четири деца и еден средовечен во Смилковци, пред најголемиот христијански празник, како и денот на кој требаше да се одржат избори, ако околностите беа нормални.

Датумот 12 април – Цветници, додава тој светот се соочува со пандемијата но и со економските импликации кои неминовно ќе го загрозат начинот на живот и економската состојба на луѓето, а државата ќе се соочи со најголемата задолженост од нејзиното постоење.

-Сериозноста на ситуацијата е поголема од било која влада, политичка партија или нечија суета, а состојбата во која се наоѓаме можеби немаше да биде толку драматична ако владата работеше државнички наместо да не заслепува со ,,блескање” и дневно политички маневри на купување на гласот на граѓаните, пишува Дурловски.

Тој додава дека Власта била фокусирана на креирање на буџет за избори, наместо буџет насочен кон развој.

-Господа од власта, преслушајте ги уште еднаш предлозите на Христијан Мицкоски, надминете ги суетите и почнете да работите за доброто на граѓаните. Вашите пари ќе станат безвредни ако станеме сведоци на тотален економски колапс, а вие токму натаму не водите. Но, да знаете дека нема да ви биде простено. Нема ни за вашите предавства, ни за невините по затвори, ни за виновните на слобода, ни за вашето незнаење, ни за грабежот на парите и надежта на младите, ниту за недржавничките политики а најмалку за корупцијата и распродажбата на националните интереси и понижувањето на македонскиот народ, пишува Дурловски.