Демократската унија за интеграција од утре ја стартува референдумската кампања.
Тргнуваат од Тетово, а ќе ја завршат во Скопје. Освен средби со граѓаните кампањата ќе ја водат и од врата на врата. За таа цел основани се 35 општински штабови и избрани нивните претседатели.
Со Централниот штаб ќе раководи Атил Реџепи одлучило партиското претседателство.
Интегративците ја повика и опозицијата да учествува на референдумот закажан за 30-ти септември.
„Освен средбите со граѓаните, Демократската Унија за Интеграција ќе се сретне со разни интересни групи, академската заедница, цивилното општество, медиумите како и ќе воспостави дијалог со другите партии.Нашите активисти ќе тропнат на вратите на сите граѓани и ќе ги повикуваат да излезат и на 30 септември да се определат за Евроатланска Македонија. Цениме дека референдумот на 30 септември е изјаснување на нашите граѓани за Европската Унија и за НАТО“, посочи Арбер Адеми.
Од ДУИ не откриваат колку ќе чини кампањата но ветуваат транспарентност и отчетност за потрошените пари. На средбата со амбасадорот на мисијата на ОДИХР во Македонија, Јан Петерсен, партискиот лидер Ахмети ја истакнал посветеноста на партијата за успешно одржување на референдумот.
Паралелно со интензивирањето на референдумските кампањи, на 20 дена пред референдумот заклучен е и избирачкиот список. Како што информираат од ДИК право на глас на 30 септември ќе имаат 1.806.336 избирачи. За постигнување цензус на референдумот ќе треба да излезат минимум 903.169 гласачи.