Денеска инспектори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе влезат во Клиничката болница во Битола за одблизу да согледаат условите во кои се лекуваат пациентите.
Ова следува по објавените фотографии на социјалните мрежи и во дел од медиумите на кои се гледа како пациент додека прима инфузија, на друг болнички кревет лежат починати пациенти.
-Вонредната инспекциска контрола во оваа здравствена установа денеска ќе се прави за првиот случај и оваа наша активност ќе заврши во текот на денешниот ден, по што ќе информираме за тоа што е утврдено, вели за порталот Фактор д-р. Ирина Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Вели дека во однос на тоа што е прикажано во видеото, пак, ќе следува друг инспекциски надзор на ДСЗИ.
Во текот на вчерашниот ден беа објавени фотографии на кои се гледа дека во една болничка соба пациенти примаат инфузија кревет до кревет со починати пациенти.
Директорката на Клиничката болница во Битола, Билјана Гагачовска во врска со настанот што се случил вчера во битолската дневна болница, информирала дека еден од пациентите кој бил во лоша здравствена состојба примал инфузија, а на другите два кревета за време на интервенција, пациентите починале.
Нагласува и дека законска обврска на секоја здравствена институција е пациентот кога ќе почине два часа да остане во институцијата, а дека фотографиите се снимени во тој меѓупериод, кога се информирале семејствата, кога се повикувало погребно претпријатие и кога се организирало пренесувањето на починатите во болничката мртовечница.
Согласно лекарските регулирани во член 272 од Законот за здравствена заштита, став 1: „Преглед на умреното лице се врши, по правило, најрано 2 часа по настапувањето на смртта на местото на смртта, а најдоцна 12 часа по пријавувањето“. Од таа причина телото на починатиот не можело да се пренесе во болничката мртовечница, објаснила директорката на болницата во Битола.