Македонија 05. мај 2020. / 21:41

Државната матура нема да се полага оваа година а учебната година ќе заврши на 10 јуни

Државната матура нема да се полага оваа година а учебната година ќе заврши на 10 јуни

Државната матура нема да се полага оваа година, а учебната година ќе заврши на 10 јуни со воспоставеното далечинско учење. Ова го одлучи Владата на дешената седница на која донесе измени во уредбите поврзани со образовниот процес.

Се определува дека учениците од завршните години на образованието во учебната 2019/2020 година се ослободуваат од полагањето на државна матура, училишна матура, завршен испит со тригодишно траење и завршен испит со четиригодишно траење во средното гимназиско образование, средното стручно образование, средното уметничко образование и средното образование за ученици со посебни образовни потреби, и дека на овие ученици училиштето ќе им издаде диплома за завршено средно образование, која сè издава само за учебната 2019/2020 година, соопшти Владата.

На седницата Владата донесе измени на уредбите за примена на законите за основно, средно и високо образование за време на вонредна состојба.

Со Уредбата за основното образование, се уредуваат роковите за објавување јавен повик за покривање на трошоците за котизација и пат за учество на еден меѓународен натпревар на акредитираните здруженија на наставници, за запишување на децата во прво одделение во основно училиште, за продолжување на мандатот на органите за управување и раководење со основните училишта и за бројот на наставните денови“, информираат од владината прес-служба.

Уредбите определуваат дека наставната година во основните и средните училишта ќе заврши на 10 јуни, додека пак за учениците од завршните години во средното образование ќе заврши на 19 мај 2020 година. До тогаш ќе се применува далечинско учење преку средства за електронска комуникација.

Првачињата ќе се запишуваат во основно училиште за учебната 2020/2021 година, во месец јуни.

Со Уредбата со законска сила за високото образование за време на вонредна состојба се продолжуваат роковите за важење на акредитацијата на постојните студиските програми на сите три циклуси на високото образование, соопштија од Владата.

Во академската 2020/2021 година на прв циклус академски и стручни студии, како и на академски студии од областа на уметностите, може да се запише и лице кое се стекнало со диплома за завршено средно образование во траење од четири години во учебната 2019/2020 година, согласно Уредбата со законска сила за примена на Законот за средното образование за време на вонредна состојба.