Македонија 13. мај 2020. / 12:38

Драган Ѓоргиев: Деновиве ќе ги испратиме нашите забелешки на протоколот од средбата во Софија

Драган Ѓоргиев: Деновиве ќе ги испратиме нашите забелешки на протоколот од средбата во Софија

Комуникацијата меѓу членовите на Заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците без многу помпи, сепак, се одржува по електронски пат.

Според првиот човек на македонскиот дел од комисијата, проф. Драган Ѓоргиев, нашите членови го разгледуваат протоколот, што до нив од поодамна е стигнат, исто така по електронски пат, од бугарскиот дел на комисијата.

Комуникацијата постои на извесен начин и ние деновиве по електронски пат ќе ги испратиме нашите забелешки, работи и гледишта на протоколот од последната средба во Софија за да може тој да биде усвоен на првата наредна средба, вели за Лидер.мк проф. Ѓоргиев.

Меѓутоа, тој додава дека оваа комуникација не значи и суштинска расправа на мешовитата комисија. Таа, според Ѓоргиев, ќе продолжи кога ќе бидат создадени услови за тоа, што зависат од пандемијата со Ковид-19 и изборите.

Првиот човек на бугарскиот дел од комисијата Ангел Димитров, пак, во неговиот последен настап пред бугарските медиуми изјави дека има резерви во поглед на електронската комуникација меѓу членовите. Зашто, според него, досега директните контакти не дале резултати, а ваквиот тип комуникација може да остави простор за тактизирања од политички причини.

Работата на мешовитата комисија беше прекината минатиот октомври на барање на македонскиот дел поради најавените избори во Македонија.

На обновување на работата на комисијата денеска повика и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева. Притоа, таа не спомена на кој начин може да се стори тоа во услови на светска пандемија и затворени граници и се уште не одржани избори, кои за Захариева не можат да бидат изговор за одлагање на работата. Зашто, историчарите не се политичари.

Но, тоа што изненадува е новиот термин, што според неа се наоѓа во основата на Договорот за добрососедство и пријателство, што од камен на сопнување меѓу историчарите се префрли и на чисто политички терен. За првап Захариева споменува дека основата на Договорот е „општобугарската историја“.

Досега, на пример, кај македонските политичари во читањето на основата на Договорот се користеа термините „споделена“ и „заедничка“ историја. Па така, претседателот Стево Пендаровски читаше „споделена“, а екс-премиерот и потписникот на Договорот, Зоран Заев, читаше „заедничка“ историја, како што, впрочем, и стои во документот.

На ова треба да се додаде и европското и светското искуство во толкувањето на термините „споделена“ и „заедничка“ историја. Факт е дека во Европа многу поразлично се толкуваат и обата, за разлика од тоа како ги толкуваат бугарските историчари и политичари.