Македонија 21. ноември 2020. / 22:18

Донесен Акцискиот план: Армијата ќе обезбедува болници, а ќе асистира и на МВР

Донесен Акцискиот план: Армијата ќе обезбедува болници, а ќе асистира и на МВР

Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК на денешната втора седница од прогласувањето кризна состојба во земјава, донесе Акциски план.

Утврдена е потребата од зголемено ангажирање на армијата во обезбедување на здравствените објекти во справување со пандемијата од Ковид-19, како и да помага на полицијата за заштита на витални објекти.

Засега нема точни бројки кои здравствени установи имаат потреба да бидат обезбедувани од војниците.

За ангажманот на приватни болници, користење на нивниот простор и на нивните стручни тимови, немало дебата на штабот, истакна директорот на Центарот за управување за кризи, Стојанче Ангелов по завршувањето на состанокот.

-Во таа сфера е оставено министерот Филипче да преговара со менаџментот на трите приватни болници во Скопје кои во јавноста излегоа со став дека сакаат да помогнат, но и кај нив се полни капацитетите. Предлогот кој го форсираат Систина, Жан Митрев и Ремедика е да отстапат сто кревети во поранешната гинеколошка болница Мала Богородица која сега е хотел Ибис стајл.  Тоа првично е разгледувано и со нацрт акциониот план, а дополнително Главниот штаб ќе предложи и поактивна изградба на модуларните болници, па дури и пренамена на други објекти за болнички капацитети, рече Стојанче Ангелов по завршување на состанокот.

За подигнување на јавната свест за почитување на мерките за заштита Ангелов вели дека во главниот штаб за управување со кризи ќе биде вклучен и невладиниот сектор.

-Ќе побараме од Советот на невладини организации да се приклучи и нивен член, рече Ангелов.

Сите заклучоци донесени од главниот штаб за управување со кризи ќе бидат разгледани и од Управувачкиот комитет, составен од министрите за здравство, за внатрешни, надворешни работи и министрите за одбрана и транспорт и врски.