Македонија 12. ноември 2018. / 13:05

Доколку Грција нема македонско малцинство, зошто бара Македонија да го промени баш тој член од Уставот?

Доколку Грција нема македонско малцинство, зошто бара Македонија да го промени баш тој член од Уставот?

Нели тоа што Грција бара од Македонија да го промени баш овој член од Уставот, за Македонците во соседните земји, е еден вид признавање на постоењето на малцинство? Ако немате такво малцинство, нема да барате таква промена, вели Воскопулос, со кого разговаравме на конгресот на македонската партија Виножито, викендов во Горно Врбени, Леринско.

Поддршката за Преспанскиот договор од Павле Филипов Воскопулос, член на Централниот комитет на Виножито, предизвика големо внимание кај јавноста во Македонија, кај македонската дијаспора и се разбира помеѓу членовите на партијата и тој не отстапува од неа. Вели, Не дај боже да чекаме Република Македонија да ни помага. Тоа е веќе уназадена идеологија. Проблемот е кај грчката, а не кај македонската страна. Меѓународната заедница уште во 1993 требаше да му каже на Гркот, што правиш ти човече, ти си тежок националист, почитувај ја македонската држава.

Дали останувате на претходните оцени за Договорот од Преспа, дека е позитивен и дека ја има Вашата поддршка?

– Не само јас, туку и сите ние во Виножито настојуваме да гледаме напред. Ние сме граѓани на Грција. Одговорните во Македонија си решаваат како треба работите да одат таму и на каков начин позитивните и добрите страни на овој договор да се применат.

Ако внимателно го читате соопштението на Виножито, ќе видите дека и ние сметаме дека овој договор не е идеален, дека е недовршен договор. Ние настојуваме добрите страни да се применат и тоа е причината што јас лично на некој начин индиректно настојував да дадам позитивни пораки, имајќи на ум и уште нешто. Но за тоа ќе дојде време и по потреба ќе го кажеме и во Македонија. Ние ја имаме таа можност да гледаме од страна, од една неутрална позиција, а кога видовме дека почнаа деструктивните дејствувања на Македонец против Македонец, да се викаме издајник, предавник… јас лично сметав дека и на овој договор може да се гледа од позитивна страна, а не само на слабостите.

Но слабостите главно се однесуваат на позицијата на Македонците во Грција.

– Не се согласувам. Ова е исто како и со Македонците во Бугарија. И таму е исто. Официјалната грчка позиција е дека тука нема малцинство, нели? Ако нема малцинство, зошто тогаш бараш такви промени во Уставот на соседната држава, зошто бараш од Република Македонија во Уставот да каже дека нема да се грижи за Македонците во соседните земји.

Но токму тоа ние го прифативме.

– Тоа е прифатливо. Да, тоа е прашање на власта и на граѓаните во земјата каде што живееме. Зборувам за грчкиот и бугарскиот автогол во овие договори. Драга Грцијо, ако ти немаш македонско малцинство, зошто тогаш бараш Македонија да го промени баш овој член од Уставот, за Македонците во соседните земји.

Нели е ова еден вид признавање на постоењето на малцинство и дека имаш голем проблем. Ако немаш малцинство, нема да бараш таква промена. Јас лично дури и на тие работи што на прв поглед негативно ги оценуваме, гледам малку поинаку. Јас ги гледам причините и суштината на таков вид на промени и дејствување.

Останатиот дел од интервјуто можете да го прочитате ТУКА.