Незадоволни од неговата работа, Министерството за култура одлучи да не му го продолжи мандатот на директорот на Албанскиот државен ансамбл, објави ТВ21. Но, пред завршување на мандатот, директорот Фатос Љумани самиот одлучи да замине. Љумани на чело на ансамблот беше една година. Тој вели дека се уште не ја знае причината за таквата одлука на Министерството.
–За четири дена, за максимално кратко време им одговоривме на институционалните дописи. Целата таа бирократија, сите тие дописи направија работата да стагнира и небрежноста на некои институции кои не сакам да ги спомнам со имиња. Дали направи колку што треба Ансамблот или не… јас сѐ уште немам ниту една опомена дека работата не сме ја завршиле како што треба, туку напротив дури имавме и пофалби од министерот. Не знам…“-, изјави Фатос Љумани – екс-директор на албанскиот државен ансамбл.
Побаравме одговор од Министерството за култура, а од таму државниот секретар Ваљмир Азири рече дека за време на неговиот мандат, тој не успеал да направи ништо.
–Имајќи предвид дека од назначувањето на директорот, односно екс-директорот, помина една година и имајќи ги предвид реакциите кои пристигнуваат од незадоволните страни поради работата на екс-директорот на Ансамблот, и имајќи предвид дека една тукушто формирана институција со буџет од 1 милион евра, не успеа да реализира ништо, мислевме дека е неопходно ние како Министерство за култура да направиме чекор и да назначиме нов директор, изјави Ваљмир Азири – државен секретар во Министерството за култура.
Фатос Љумани негира дека на располагање имал буџет од 50 милиони денари. Тој тврди дека средствата фигурираат само на хартија и дека истите не биле материјализирани. Целиот проблем за застојот било тоа што Ансамблот немал точна адреса, но Азири вели дека биле издвоени 150 илјади евра за реновирање на салата Партизан. Инаку, сега за сега, на чело на ансамблот ќе биде Јетон Пустина како вршител на должност, а официјално новиот директор ќе биде назначен по претседателските избори. Од Министерството за култура велат дека конкурсот за вработување на 40 лица во ансамблот ќе биде објавен на 10 мај.