Македонија 25. април 2020. / 10:48

Директорот на АЕК: Зрачењето од 5Г е помало од тоа на 4Г мрежата

Директорот на АЕК: Зрачењето од 5Г е помало од тоа на 4Г мрежата

Тендерската постапка за издавање на одобренија за користење на радиофреквенции за 5Г-технологијата во државава се очекува да започне до крајот на 2020 година, вели во интервју за МИА Сашо Димитријоски, директор на АЕК.

Во врска со сомнежите и стравувања за штетноста на оваа технологија, директорот на АЕК вели дека Агенцијата до овој момент спроведе мерење на нејонизирачко зрачење на неколку локации од 5Г тест-мрежата на Македонски телеком за која е издадено привремено одобрение до 31.10.2020 за опсегот 3.6-3.7 Mhz. и резултатите покажуваат дека од максимално дозволеното ниво според меѓународната комисија за заштита од нејонизирачко зрачење кумулативното зрачење изнесува 14,9 проценти.

-Во овој процент зрачењето од 5Г учествува со само 32 проценти за разлика од зрачењето што потекнува од 4Г, кое учествува со 49 проценти. Бидејќи мерењето е спроведено во најлошо можно сценарио за 5Г за очекување е тоа да учествува со уште помал процент во реални услови. АЕК ќе продолжи и понатаму со континуирани мерења и доколку се констатира надминување на нормите, согласно ЗЕК секако дека АЕК ќе преземе соодветни дејства, вели Димитријоски.

Тој додава дека заклучно со 20.4.2020 до AEK, за добивање одобренија за користење радиофреквенции за 5Г, се пристигнати мислења од повеќе заинтересирани страни, и тоа од: оператори во Македонија, граѓани на Македонија и од заинтересирани странски компании.

– Досега сите чекори се спроведуваат согласно динамиката предвидена со националниот оперативен бродбенд план (НОБП), кој беше усвоен од Владата на Mакедонија на 2.4.2019. Сите пристигнати мислења ќе бидат разгледани од страна на стручните служби во AEK и ќе бидат соодветно имплементирани во законската постапка, која е предвидена согласно Законот за електронските комуникации (ЗЕК) за доделување на овие радиофреквенции. Согласно НОБП, тендерската постапка се очекува да започне до крајот на 2020. Ќе се сублимираат пристигнатите мислења и заедно со постојната регулатива во Македонија, која е на иста линија со европската, ќе се пропишат условите што ќе бидат наведени како барања, кои операторите што ќе добијат одобренија ќе треба да ги исполнат, вели Димитријоски.

Мрежата на петтата генерација не само што ќе донесе огромни брзини на пренос на податоци преку интернет и комуникација во реално време туку целосно ќе го смени начинот на кој што функционира нашето општество: интернет на нештата (Internet of Things) ќе стане реалност (дронови, роботи), ќе живееме во паметни домови и паметни градови, ќе возиме паметни автомобили, а ќе имаме придобивки и во медицината, образованието, бизнисот.