Директорката на психијатриската болница во Негорци, Љуба Цилкова го издала боледувањето за специјалната обвинителка Катица Јанева, дознава Телма, а истите извори велат дека нејзиниот сопруг е вработен во СЈО.
Вработените во обвинителството потврдуваат дека Методи Цилков кој е сопруг на докторката е вработен во приемното одделение. И двајцата по потекло се од Гевгелија од каде доаѓа и Јанева, објави телевизијата.
Од Телма се обиделе да ја проверат информацијата во болницата, но никој не се јавувал на фиксниот телефон.
– Од СЈО пак само кусо одговараат дека боледувањето било прекинато за осум дена, но и по една недела нема одговор на колку денови било дадено. Вчера пак пратеникот Антонио Милошовски објави фотографија на која пишуваше дека е дадено на еден месец. Повика да се испита дали е дадено наменски, бидејќи се совпадна со денот на нејзината оставка но и со притворањето на двајцата осомничени во Рекет со кои се поврзува и името на Јанева. – објави Телма.