Македонија 10. јануари 2021. / 11:41

Дипломати од МНР навредени од статус на министерот Османи

Дипломати од МНР навредени од статус на министерот Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи објави кој му ги дава најдобрите совети за начинот на кој што треба да се води надворешната политика и предизвика револт кај дипломати од кариера во Министерството што го води, пренесува порталот Експрес.

Дел од нив реагираат дека Османи со изјавата дека најдобрите совети доаѓаат од случајни луѓе – пациенти во клиниката каде што тој оперира е понижување и навреда за луѓето професионалци во МНР кои и над 30 години се дел од дипломатијата.

– Најдобрите совети и за надворешната политика ги добивам од луѓе во доцните часови на дежурствата, низ ходниците на клиниката, чекајќи ги резултатите од испитувањата.
Луѓе кои најлубезно даваат совети и за Бугарија и за Европската унија и за САД. Секојдневниот контакт со луѓето не дозволува да се одделите од најизворните погледи на луѓето, погледи кои потоа на дипломатски јазик треба да ги комуницирате со највисоките претставници на земјите во светот, напиша Османи во пост на Фејсбук кој предизвика гнев кај колеги во МНР.

Министерот може и треба да ги слуша обичните граѓани и пациентите и да ги пренесува нивните ставови на состаноци со неговите дипломатските партнери но дипломатијата е пресериозна работа за најдобрите совети за Османи да доаѓаат од луѓе кои не се професионалци во дипломатијата или меѓународната политика, велат колеги на Османи во МНР кои го разбираат ако зборува само за негови сопартијци и партиски активисти кои во МНР влегле без никакво познавање на дипломатијата.

Освен тоа што се навредени од понижувањето професионалците во МНР прашуваат зошто Османи објавува фотографија од оперативен хируршки зафат во кој самиот учествува, активност која нема никаква врска со дипломатијата што ја води.

Му порачуваат помалку да оперира и да шета по ходници а повеќе да ги слуша искусните и образовни колеги дипломати кои исто така даваат добри дипломатски совети.