Пратеникот Илија Димовски на собраниската седница посочи дека денеска се изврши тежок фалсификат со предлог законот за јавно обвинителство бидејќи премиер нема право да биде предлагач на закон. Според Уставот на Република Македонија предлагач на Закон може да биде Претседател на држава, Влада, пратеник и 10.000 потписници.
Претседателот има надлежности да предлага во други сегменти. Во конкретниот случај имаме материјал кој што ни е поделен во Собранието како предлог на закон за кој што не постои одлука на Влада дека се поднесува во собраниска постапка, нагласи Димовски.
Димовски додаде дека ниту пак има одлука на Влада за повлекување на претходниот закон оној кој што беше актуелен во Собранието според г. Џафери до кај 21.00 часот, според г-ѓа. Рената до кај 16.00 часот.
Имавме од сабајле текст на закон кој што во меѓувреме владата го повлече со допис од техничкиот премиер. Имаме сега текст на закон кој што владата го достави со потпис од техничкиот премиер. Но, г. Џафери техничкиот премиер или било кој друг премиер нема право да биде предлагач на закон. Тој е застапник на владата и претставник на владата. Потпишува одлуки на влада и пушта во процедура одлуки на влада. Владата нема донесено одлука за овој текст на законот кој што сега е прва точка на дневен ред. Ова е најгрубиот фалсификат кој што се случил во процедура на било кое Собрание кое што јас го паметам, нагласи Димовски.