Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски во дебатната емисија 24 анализа на ТВ 24 изјави дека СДСМ со преземањето на власта и со формирањето на СЈО, јавнообвинителската служба ја има како политичка алатка за остварување на политички цели.
Димовски потенцираше дека СДСМ ја користи комплетно јавнообвинителската служба во Република Македонија и онаа во СЈО и онаа во ЈО, и по традиција е навикната секогаш да ја користи за себе и во своја корист, притоа уценувајќи пратеници и градоначалници на опозицијата, додека тие од СДСМ слободно си прават што сакаат.
– Градоначалник од СДСМ претепува граѓанин му се заканува го уценува и нема никаква активност. Поминаа повеќе месеци, никаква активност од јавното обвинителство. Тој градоначалник се уште е дел од СДСМ, доаѓа на состаноци на Централен одбор, нема никакви политички последици од страна на СДСМ, да не зборуваме за последици од јавнообвинителската дејност – истакна Димовски.
Тој додава дека во исто време на поранешен градоначалник источна Македонија СДСМ преку обвинителството му пушта пријава за тоа што надвор од програмата потрошил 3 ипол илјади евра, но тие пари се потрошени на сметка на здружение на граѓани за грижа за деца со потребни потреби и тие пари навистина се потрошени за тие деца, а градоначалникот се уште се соочува со таа обвинителско судска постапка.