Македонија 09. февруари 2020. / 13:14

Димитров: Мизрахи не може да го разбере значењето на Преспанскиот договор, треба да биде разрешена

Димитров: Мизрахи не може да го разбере значењето на Преспанскиот договор, треба да биде разрешена

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, побара разрешување на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, поради тоа што ја вратила таблата со старото уставно име на државата.

Според Димитров, со тоа, Мизрахи ги загрозила интеграциските процеси на земјата.

Министерка за труд и социјална политика, која ја извршува оваа функција врз основа на нејзината заклетва дека ќе го почитува Уставот и законите на Северна Македонија, отстранувајќи ја официјалната табла на Министерството со уставното име на државата, флагрантно ги прекрши токму Уставот и Уставниот закон. Што и е работа на министерката Мизрахи? Зошто е избрана? За да внимава да нема злоупотреби во нејзиниот ресор во контекст на организирање фер и демократски избори. Наместо тоа, таа со овој чин не само што го згази Уставот, туку го прекрши и Законот за ратификација на Преспанскиот договор, ги проблематизира односите со соседна Грција, создаде проблеми во реализацијата на двете децениски стратешки цели на татковината – членство во НАТО и во ЕУ – изјави Димитров.

Шефот на дипломатијата нагласи дека државата нема да дозволи, како што рече, таква инфантилност. Тој посочи дека Министерството за труд и социјална политика не е приватен стан на Мизрахи, како што и Уставот не е парче хартија.

На министерката може да не и’ се допаѓа Уставот или Договорот од Преспа, но тоа не и’ дава право да не ги применува. Без начелото на уставност и законитост, од државата нема да остане ништо. И мене не ми се допаѓа ‘Скопје 2014’, но одам во МНР на работа. И мене не ми се допаѓа ригидноста на Законот за јавни службеници, затоа што на последниот конкурс не се квалификуваа извонредни кандидати поради непотполна документација, но Законот мораше да се почитува. Таблата на Министерството за труд и социјална политика е јавна исправа и никој не може своеволно да ја менува – изјави Димитров.

Шефот на дипломатијата посочи дека за овој настан МНР ги информирала меѓународните партнери на Македонија. Исто така, рече дека стигнала официјална реакција од соседна Грција.

Мислам дека ќе биде премногу од министерката Мизрахи да очекуваме да го разбере историското значење на Преспанскиот договор за афирмација на македонскиот идентитет, за заокружување на државноста во ОН, за зачленувањето во НАТО и за започнувањето на пристапни преговори со ЕУ. Но, таа е должна да ја разбере сопствената заклетва потпишана во Собранието и сопствената функција – министер за труд и социјална политика во една техничка влада. И секако, да разбере што значи Устав на една држава – изјави Димитров.

Тој нагласи дека флагрантно кршење на Уставот повлекува политичка и правна одговорност.

Доколку веднаш своето делување не го врати во рамките на Уставот, му сугерирам на претседателот на Владата да предложи нејзино разрешување до Собранието. Укажувам дека во нејзиното делување има и елементи што можат да повлечат кривична одговорност по член 353 и член 390 од Кривичниот законик, но тоа е работа во делокруг на други државни органи – порача Димитров.