Независен направи интервју со Емил Димитриев, актуелен пратеник и човекот што го наследи Никола Груевски на премиерската функција, каде што одговараше на прашања за актуелната политичка состојба во Македонија.
Учествувавте на Конвенцијата во Струга каде што за кандидат за претседател на државата беше избрана професорката Гордана Силјановска-Давкова. Сметате ли дека го направивте најдобриот избор и како ги проценувате нејзините шанси на изборите на 21 април и на 5 мај?
Во периодов од прогласување на независноста до денес, малку интелектуалци го зачувале својот интегритет независно од тоа кој е на власт. Давкова е една од тие интелектуалци, која ја сака Македонија и се залага за правда, два критериума во ова време сосема доволни да добие поддршка.
Интересна е дилемата, како гласачкото тело кое е позиционирано центар-десно од идеолошки аспект и секогаш е побројно од левицата, не испрофилира не едно туку повеќе квалитетни решенија за претседател на државата. Нешто што само ми ја потврдува лошата состојба во опозицијата, која во последните две-три години изобилува со неосновани меѓусебни пресметки и дисквалификации. Да не заборавиме, ВМРО-ДПМНЕ во минатото ѝ даде на Македонија одличен претседател, член на партијата, но со висока државничка свест – зборувам за покојниот Борис Трајковски.
Сметате ли дека партијата требаше поинаку да се постави по неколку важни политички прашања, пред сè, околу договорот за името и референдумот?
Ако сите бевме свесни дека периодот на решавање на спорот со Грција, кој ни беше оставен како земја, е при крај и дека поради крупни геостратешки политики нема да се толерира ова прашање да биде сè уште отворено, мораше да бидеме помудри, да ги надминеме нашите „детски“ болести на плурализмот и демократијата. Интересот на меѓународната заедница за конечно решавање на овој спор требаше да го свртиме во наша корист, а не на наша штета.
Повторно дојдоа до израз нашето неединство и отсуство на државна стратегија за решавање на националните приоритети. Во преговорите се влезе премногу несериозно, да не речам незрело и во една таква ситуација правеа грешки и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тврдам дека сè ќе беше поинаку ако се креираше широка платформа која ќе ги вклучеше најголемите политички партии во преговорите, со што и изгледите за постигнување на подобра варијанта на договор ќе беа поизвесни.
Улогата што ја играше СДСМ, по секоја цена да се постигне договор и по цена на националните интереси, беше јасен сигнал за другата страна во преговорите. Позицијата, пак, на ВМРО-ДПМНЕ на проблемот да гледа како на нешто туѓо, а со тоа го остави СДСМ да прави што сака, доведе до ситуација да добиеме лоша варијанта на договор. За мене особено беше проблематичен принципот „име за севкупна употреба“, нешто што има негативен импакт на нашиот идентитет.
Тоа беше причината да не ги поддржам уставните измени, ризикувајќи да бидам разбран погрешно, иако претходно во мојата кариера, како заменик министер за одбрана, како пратеник и претседател на Влада, се имам вложено во напорите за наше НАТО-интегрирање. Ако процесот се менаџираше со домашна заедничка стратегија, убеден сум дека освен што ќе имавме подобар договор, неговото вградување во политичкиот систем ќе беше достоинствено, а ќе имавме и негова полесна имплементација. Тој нов договор ќе помогнеше да ја стекнеме довербата од нашиот јужен сосед и по одреден период да ги повратиме и тие позиции што ќе бидат наш влог во договорот. Овој дел бара многу поширок простор за одговор. За жал, имам чувство дека потфрливме генерално како општество.
Целото интервју за Независен може да го прочитате ТУКА.