Македонија 14. август 2018. / 16:40

Димче Арсовски: Владата удира по џебот на граѓаните со откажување на летовите на „Визер“

Димче Арсовски: Владата удира по џебот на граѓаните со откажување на летовите на „Визер“

Владата на СДСМ удира по џебот на граѓаните со откажувањето на евтините летови на „Визер“. Поради неспособноста на криминалната Влада на СДСМ, авиокомпанијата почна да ги откажува своите дестинации. Граѓаните од оваа есен може да се збогуваат со евтините летови до светските метрополи. Нема повеќе евтини патувања, нема повеќе одење на гости кај своите роднини во светот, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Смешни се оправдувањата на Сугарески дека тендерот е прекинат затоа што одозгора на пликовите во кои била целосната документација за тендерите не било напишано целото име и адреса на компанијата ‘Визер’. Замислете, ова е оправдувањето на Владата за сериозна компанија како ‘Визер’, која годишно врши превоз на над 1 милион патници во Република Македонија.
Чудно е како на ниту еден од функционерите на СДСМ што добија грантови преку Фондот за иновации не им недостигаше никакво име на пликот кога аплицираа, а токму на сериозна компанија како ‘Визер’ и недостига“, рече Арсовски.

Тој прашува дали можеби ова е уште еден начин да се изврши притисок од страна на СДСМ врз авиопревозникот?

„Што ли сака да издејствува криминалната влада на СДСМ со овој резил што ѝ го прави на Република Македонија и на нејзините граѓани? Неспособноста и хаосот во Владата на СДСМ сè повеќе личи на трагикомичен филм. Нема да нè зачуди ако утре излезат јавно и кажат дека ‘Визер’ ќе го заменат со МВР турс, а Шекеринска ќе одвои еден од хеликоптерите од Министерството што ги користи за приватни прошетки на ручеци“, рече Арсовски.