Попладнево во ДИК се одржа јавната седница на која се разгледаа петте барањaта на министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи.
Во оваа прилика ДИК одлучи дека тие како институција не се надлежни да одлучуваат за поединечни акти што не се однесуваат на правни финансиски и кадровски прашања поврзани со изборите.
На кратката дискусија за овие точки зборуваа и членовите на ДИК, Елизабета Постоловска и Јанаќе Витановски. Тие сметаат дека надлежностите на ДИК се утврдени со член 48 од Законот за влада, во кој тие изречно ја црпат нивната надлежност.
– Ние немаме надлежност да ја цениме законитоста на содржината на самите донесени акти од страна на министерот. Начинот на работа на секое министерство поединечно е уредено во посебни материјални закони за кое ДИК не е надлежно да постапува и носи одлуки. Согласно на наведеното сметам дека ова решение, не е и не може да биде акт што се однесува на организација на изборите, рече Постоловска.
Според Витановски Државната изборна комисија нема надлежноста да ја цени законитоста и содржината на конкретните акти на регулирањето на посебните права и обврски, начинот на работењето на самите министерства поединечно и надлежностите на министерот и на заменик министерот, државниот секретар.
Апелира до сите министери, дополнителни заменици министери, заменици министри, да го почитуваат Законот за влада и да не праќаат беспредметни барања до ДИК.