Македонија

ДИК: Кој сака да го рекламира референдумот, сам нека си најде пари

ДИК: Кој сака да го рекламира референдумот, сам нека си најде пари

Владата, Собранието, граѓански асоцијации, поединци, сите имаат право да се вклучат во пропагандата за референдумот, но секој треба да обезбеди пари за тоа на соодветен начин, објаснуваат од Државната изборна комисија. На прашањето дали Владата, Собранието и другите буџетски установи може да користат буџетски пари, од ДИК не кажуваат, велат дека одговор на тоа прашање треба да дадат надлежните државни институции.

-Кога се зборува за референдумот, се прави аналогија со изборите, но тоа не е така. Не може да се ограничи кој ќе води јавна пропаганда. Сите заинтересирани, граѓани, здруженија, сите имаат право на пропаганда, не може никому да се забрани. Владата и Собранието може да водат исто така пропаганда, но треба да проверат со кои пари може тоа да го прават – вели Оливер Дерковски, претседател на ДИК.

Трошењето на државните пари, додава тој, е регулирано со други закони за чие спроведување не е надлежна Државната изборна комисија.

-Институциите треба да се консултираат со Државниот завод за ревизија, Министерството за финансии, Државната комисија за спречување на корупција кои се надлежни да им кажат дали може да трошат буџетски пари за пропаганда за референдумот – вели Дерковски.

ДИК денеска усвои измени на Правилникот за подготовка, организирање и спроведување на референдум на државно ниво согласно кои се предвидува само за овластениот предлагач, во случајов Собранието, да има одредено посебен простор за водење на пропаганда кој ќе го обезбедат телевизиите, печатените и електронски медиуми како што е предвидено со Изборниот законик.

Согласно измените на Правилникот, сите останати субјекти може да имаат свое медиумско претставување поврзано со референдумот, но по пазарни услови.

Предвидениот медиумски  простор за пропаганда  се однесува само на овластениот предлагач, Собранието, а неискористените термини може да се делат на други субјекти.

Ценовниците и условите за медиумско претставување кои медиумите ги доставуваат до ДИК се однесува само на просторот за пропаганда предвиден за овластениот предлагач Собранието.

„Овластениот предлагач и сите останати субјекти  јавната пропаганда ја плаќаат од сопствени средства “, се вели во правилникот на ДИК.