Музичка група од девет членови ја помина првата вечер во групниот карантин во Пепелиште на Криволак. За „А1он“ тие велат дека таму биле сами заедно со Армијата и полицијата кои чуваат стража.
Прашани дали освен нив, во текот на ноќта или утрото биле донесени нови лица, тие испратиле видео-материјал снимен надвор и во другите објекти за сместување. Сите соби кои се снимени, се празни. Еден од членовите на групата сместени на Криволак вели дека ги искористиле за да кажат дека карантинот е отворен.
– Еве луѓе, видете, од тие 200 души што велеа дека се тука, нема никој. Ова е камп кој се наоѓа позади – нема никој. Тука не седи никој, се тоа е лага. Само нас не ставија тука. Нема никој, штама е. Црвена зона ни ставија за да не излеземе од тука. Нема никој – коментираат членовите на групата.
Тие се жалат на ниското ниво на хигиена во кампот. Според нив, нема услови за да се остане во групиниот карантин и бараат да седат дома во самоизолација. Сметаат дека така е посигурно, затоа што во спротивно, од здрави ќе бидат болни. Од пристигнувањето вчеравечер, до сега, тие барале да се истушираат, но велат дека немаат услови за такво нешто.
Министерот за здравство, Венко Филипче претходно на прес-конференција посочи дека 200 лица кои беа заглавени на граница, а кои доаѓаат во Македонија, ќе бидат ставени во групен карантин во касарна на Криволак и требаа да пристигнат во текот на вчерашнот ден.
Сместените музичари на Криволак велат дека имало и други лица кои влегувале низ државната граница, во моментот кога и тие дошле, но биле пуштени да си заминат без проблем.
Целиот текст ТУКА.