Македонија 06. август 2018. / 14:48

Детската клиника остана без сапун и без тоалетна хартија

Детската клиника остана без сапун и без тоалетна хартија

Без антибактериски сапун, без медицински ракавици и други основни средства за хигиена функционира Детската клиника, a родители чии деца се сместени на клиниката тврдат дека вработените буквално импровизираат со цел да обезбедат нормални услови за болните деца, пишува Призма.

„Забележавме дека нема антибактериски сапун и ги прашавме докторите на клиниката дали да си донесеме од дома или ќе биде обезбеден. Ни рекоа дека е најдобро сами да си купиме, бидејќи и тие се снаоѓале како знаат. Немаше дури ни тоалетна хартија, па една од сестрите ни даде ролна која си ја носела од дома. Запрепастени сме како една клиника која треба да се грижи за здравјето на децата ги нема основните средства за хигиена, за да не се шират инфекции и зарази. Кога станува збор за болни деца, најлесно е да се рашират инфекции кои дополнително би им го влошила здравјето“, велат за БИРН родители на дете кое е сместено на Детската клиника кои тврдат и дека често мораат сами да си набавуваат лекови, бидејќи на клиниката ги нема потребните.

Родителите на две деца кои лежат на Детската клиника, а со кои се сретна БИРН, инсистираа да останат анонимни, поради стравот дека нивните деца нема да ја добијат соодветната нега доколку јавно реагираат

Освен овие секојдневни проблеми низ кои минуваат вработените и пациентите на Детската клиника, пред извесно време инцидент со опремата на клиниката сериозно го нарушил нејзиното функционирање и ги вознемирил сите кои биле сведоци на случката.

Според очевидци, во текот на работното време на клиниката, додека на интензивната нега биле сместени 15 бебиња, настанал проблем со компресорската станица, од цевките почнало да тече валкана вода, а во респираторите со кои се помага дишењето на бебињата, навлегла застоената вода, во која лесно се размножуваат бактерии.

Вработените од интензивната нега реагирале веднаш и ги отстраниле респираторите, но отворено останува прашањето зошто клиниката не била затворена веднаш, додека да се отстрани проблемот, а наместо тоа продолжила да работи, иако постои опасност инцидентот да се повтори поради контаминираност на цевките низ кои поминува воздухот.

Сега, според нашите сознанија, работат само пет од вкупно девет респираторни машини кои биле во оптек, сервисот за истите чини илјадници евра, па неизвесно е што ќе се случува доколку на клиниката треба да бидат примени повеќе дечиња кои треба да дишат на апарати, пишува Призма.

Целиот текст на Призма можете да го прочитате ТУКА.