2,47 е средната оценка на скалата од 1 до 5 која граѓаните ја дадоа за квалитетот на јавното здравство, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Најголем број од анкетираните или 32,9% здравството го оцениле со „тројка“, 26,8% му дале „двојка“ а 22,2% „единица“. 11,6% дале оценка „четворка“ а 4,1% „петка“.
Гледано по региони, најслаба оценка здравството добива на југоистокот.
Таму, 40,2% од граѓаните го оцениле со најниска оценка „единица“. Најдобро, јавното здравство поминува во вардарскиот регион, каде 9% од граѓаните го оцениле со оценка „петка“.
Во споредба со истражувањето кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје во јуни годинава, средната оценка за јавното здравство бележи благо зголемување.
Од 2,41, колку што била во јуни, сега, средната оценка се зголемила на 2,47. Мнозинство од граѓаните или 17,6% велат дека најголемо незадоволство во јавното здравство чувствуваат поради закажувањето и времето на чекање за преглед. 15% најнезадоволни се од лекарите, 12,6% од инфраструктурата во болниците а 9,2% од хигиената. 8,3% од граѓаните велат дека најмалку задоволни се од опремата, а 7,5% од медицинските сестри. Сепак, најголемиот процент на граѓани или 19,5% рекле дека не се задоволни од сите елементи во јавното здравство.
И покрај тоа, 69,4% од анкетираните граѓани велат дека кога имаат потреба од здравствена услуга почесто одат во државна, односно јавна здравствена установа, додека 23,3% преферираат да се лечат приватно.
Очекувано, оние граѓани кои имаат повисоки примања, во поголем процент се определуваат за приватно здравство, но сепак, таа бројка е далеку под половина од вкупниот број на анкетирани.