Владата ќе организира авионски превоз за пренесување на македонските граѓани со престој во странство на територија на земјава, по претходно прибавена листа од МНР на пријавени патници.
„Генералниот секретаријат на Владата на земјава ќе објави јавен повик по дестинација и број на патници врз основа на доставените листи од страна на Министерството за надворешни работи, со цел прибирање на понуди за чартер летови од градовите во Европа до Република С. Македонија. По објавување на јавниот повик од страна на Генералниот секретаријат крајниот рок за прибирање понуди е 12 часа од моментот на објавување на повикот. Критериум за доделување на договор за јавна набавка е најниската цена.“, информираат од Владата преку соопштение.
Оттаму објаснуваат дека Генералниот секретаријат ќе склучи договор и ќе изврши плаќање на избраната најповолна понуда врз основа на дадениот критериум за избор.
Лицата кои ќе се пријават на повикот, при влез во авионот ќе потпишат договор помеѓу нив и Владата во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата и ќе пополнат Изјава дека се согласни по пристигнување на територија на земјава да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена.
Тие ќе бидат превземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин.
Лицата кои ќе патуваат имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето да извршат уплата на сумата за авиобилетите согласно склучениот договор.
Враќањето на средствата треба да го извршат на образец ПП-50 во кој треба да ги внесат следните податоци:
Назив на примач: Буџет на Република Северна Македонија
Трансакциска сметка: 100 000000063095
Сметка на корисник: 630010001963019
Приходно конто: 725939 00
Во цел на дознака: Враќање средства на сметка 040010007863713, расходно конто 420220 потпрограма 10.
Договорот помеѓу патниците и Владата на Република С. Македонија, во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата има својство на извршна исправа и може да биде предмет на извршување во случај на неисполнување на обврската од договорната страна, се наведува во соопштението на Владата.