Министерката за правда Рената Дескоска рече дека министерството нема надлежност за утврдување на автентичноста на потписот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на писмата кои беа испратени од неа до СЈО и до републичкото Јавно обвинителство.
– Писма, јас колку што знам, се упатени и до СЈО и до Републичкиот јавен обвинител. Вие знаете дека сите носители на јавни функции кои потпишуваат во рамки на институциите имаат депонирано потпис. Значи јас кога потпишувам во Министерството за правда луѓето кои работат во архива го знаат мојот потпис и не викаат графолози за да видат дали е тој мој потпис, туку ставаат печат. Така што луѓето кои работат во СЈО го знаат потписот на обвинителката исто така и оние кои добивале дописи од нејзина страна во Републичкото обвинителство мислам дека тука не треба да се отвора тема затоа што нема тема. Нема дилема и сомневање. – изјави Дескоска одговарајќи на новинарско прашање денеска по означувањето на почетокот на твининг-проект што ќе обезбеди поддршка за Јавното обвинителство во зајакнувањето на истражните центри.
Според неа, зависи за каков тип на документ станува збор. Додаде дека за документи за кои се потребни за да произведат правно дејство да бидат заверени на нотар тогаш навистина во притворски одделенија влегуваат нотари и заверуваат.
– Нема дилема и нема спор дека луѓе кои биле во притвор потпишувале документи. За некои тип на документи им ги носат, само ги потпишуваат, а некои ако самиот акт за да произведе правно дејство треба нотарска заверка во тој случај. Во овој случај никогаш и никаде во Законот не стои дека таа кога предава предмети или кога дава согласност за предавање на предмети треба нотарска заверка. – истакна Дескоска.