Македонија 06. септември 2018. / 10:37

Дескоска: Не треба да постои забрана за организирање бојкот на референдумот

Дескоска: Не треба да постои забрана за организирање бојкот на референдумот

Не постои и не треба да постои забрана во нашиот правен систем, ниту за повикување, ниту за организирање на бојкот на референдумот. Кривичното дело кое се толкуваше во јавноста како основ за забрана на организирање на бојкот на референдумот, според мене има друга смисла, друго правно битие, односно забранува друго однесување, вели во интервју за МИА министерката за правда Рената Дескоска.

Таа посочува дека е застапник за либералното толкување на човековите права и мисли оти тие треба да имаат предност во заштитата.

На прашањето што доколку не се постигне очекуваната излезност. Дали враќањето на прашањето во Парламентот ќе го направи Договорот со Грција кредибилен, Дескоска одговара дека како правник гледа три можни исходи од референдумот.

– Едниот е доколку има цензус и мнозинството одговори потврдно на прашањето. Во тој случај сите институции ќе треба да ја спроведат волјата на граѓаните, а тоа значи објавување на Договорот, уставни измени и сл. Другиот е доколку има цензус и мнозинството одговори негативно на прашањето. Во тој случај, исто така, сите институции ќе треба да ја спроведат волјата на граѓаните, а тоа ќе значи повлекување на Собранието и Владата од договорот. Третиот исход е доколку нема цензус. Тоа значи дека не е донесена одлука на референдум и се остава на институциите да ја донесат одлуката. Кредибилитетот на натамошното одлучување ќе зависи од бројот на граѓани кои ќе излезат на гласање и бројот на гласови кои ќе бидат дадени за секоја од можните опции за кои ќе се изјаснуваме, вели таа.