Денеска продолжува судењето за случајот „Таргет-Тврдина“, за незаконското прислушување.
Денешното рочиште ќе продолжи со презентацијата на нови сведоци. Еден од оштетените во овој случај, Синиша Алексоски, поранешен вработен во кабинетот на претседателот Иванов, во поднесената изјава до судот вели дека има оштетно побарување од 10 милиони евра од обвинетиот Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК.
Во овој случај има вкупно 105 оштетни побарувања.
Алексоски бара да се утврди одговорност од овластени службени лица во МВР кои усмено или писмено се баратели за примена на незаконски мерки за следење на комуникациите. Бара одговорнст од службени лица кои ја користеле добиената содржина од незаконските мерки за следење на комуникациите и од овластени службени лица во МВР на чии персонални компјутери била трансферирана добиената содржина од незаконските мерки.
Во изјавата Алексоски, кој е инаку поранешен вработен и во Агенцијата за разузнавање, бара да се утврди дали во периодот од февруари 2007 до февруари 2017 година во МВР и во УБК каде биле сместени системите за прислушување неовластено присуствувале странски службени лица, меѓу кои и офицер на странска разузнавачка служба Р.Б., акредитиран во 2017 како асистент аташе во странско ДКП во Македонија. Во изјавата Синиша Алексоски бара и одговор на прашањето дали врз основа на акт од Агенцијата за разузнавање (Активности за набавка на опрема за следење на телефонски комуникации од 20 мај 2014) е остварена незаконска набавка на опрема за следење на телефонски комуникации за потребите на една политичка партија.
На последното рочиште и поранешниот командир на полициската станица Карпош во Скопје, Бојан Величковски, рече дека се сомневал дека бил незаконски прислушуван и поднел барање за оштетно побарување, од 20 илјади евра.
Во овој случај прислушувани се и новинари кои исто така имаат поднесено оштетени побарувања. Судењето за овој случај го води кривичниот совет предводен од судиите Џенета Бегтовиќ и Владимир Туфегџиќ. Додека обвинението го застапуваат обвинителите Ленче Ристовска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.