Политичките партии навремено да ја информираат Државната изборна комисија за изборниот датум за да може Комисијата да спроведе легитимни избори. Ова го бара претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, по непотврдените информации во јавноста дека се можни предвремени парламентарни избори во јуни или почетокот на јули.
Посочува дека учесниците во изборниот процес треба да седнат и да го договорат изборниот ден, но притоа да внимаваат на моментите произлезени од корона-кризата. Вели дека во изминатите два месеци до ДИК пристигнувале извештаи за починати лица, за нови полнолетни граѓани кои треба да се вметнат во списокот, потоа за промена на адреси или на лични карти. Има промени и во Избирачките одбори и Општинските изборни комисии.
ДИК ќе ги спроведе изборите онака како што налага законот, меѓутоа мора да се внимава на сите моменти кои произлегуваат од оваа криза затоа што треба да се дојде до една стабилна ситуација во државата за да може да се организираат едни нормални избори, вели Дерковски.