Вечерва завршува вонредната состојбата воведена од страна на претседателот Стево Пендаровски заради состојбата со епидемијата на корона вирусот во земјава, а лидерите на двете најголеми партии во земјава, Зоран Заев и Христијан Мицкоски на средбата во „Вила Водно“ не постигнаа договор за датум за одржување на предвремените парламентарни избори.
Како што објавија од кабинетот на Пандаровски, лидерите се договориле само да ја продолжат комуникацијата околу датумот за изборите.
Претходно, пти испраќање на поканата за средбата, Пендаровски најави дека на средбата од Заев и Мицкоски ќе побара да најдат решение во однос на тоа кога би се одржале изборите.
Пендаровски додаде дека треба сите да се издигнат над овој момент кој е многу сериозен и комплексен, и да се најде решение бидејќи како што рече, не станува збор за месеци или години, туку за 8 до 15 дена разлика меѓу двата главни политички блока.
Кажа дека е можно и да ја преиначи одлуката за вонредната состојба и таа да биде продолжена уште неколку дена со цел да се дојде до меѓупартсики консензус за терминот на изборите.
Забележа дека не би било добро да имаме неинклузивен изборен процес, но и нефункционални институции.
Сепак, за време на средбата двајцата лидери не биле блиску до постигнување договор.
Според неофицијални извори на „Лидер“, на средбата кај претседателот, лидерот на СДСМ, инсистирал на брзи избори, па дури и во услови да нема целосно прочистување избирачки список и признал дека нема одговор од ОБСЕ и ОДИХР дали ќе имаат доволно време и услови да распоредат набљудувачка мисија.
Главниот аргумент на Заев бил дека изборите треба да се одржат што побрзо без разговор за другите аспекти на изборите. Тој постојано лицитирал со 5. јули и 8. јули како датуми во кои треба да се одржат изборите..
Од друга страна, Мицкоски не сакал да отстапи од ставот дека избори може да има само во услови кога ќе биде гарантирано здравјето на граѓаните, со оглед на растечките бројки на новозаразени и починати од епидемијата. Истовремено, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ инсистирал и на обезбедување кредибилност на изборниот процес преку увид во избирачкиот список и присуство на набљудувачките мисии на ОБСЕ и ОДИХР. Мицкоски истакнал дека треба да се запазат уставните и законските норми во однос на изборите, но воедно да не се лицитира со датуми затоа што тоа е неодговорно кон граѓаните.
Државната изборна комисија (ДИК) вчера на работен состанок ја разгледуваше владината Уредба за продолжување на изборните дејствија за параламентарните избори и врз основа на неа ќе ги започне активностите за гласање. Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски информираше дека врз основа на оваа Уредба, ДИК ќе испрати дописи до МВР и до управите за санкции и за водење на матични книги за прибирање на потребните податоци за граѓаните. Деркоски појасни дека Комисијата ќе ги преземе сите потребни чекори за организирање на изборите и дека се надева дека ќе успее на реме да го заврши тој процес.
Владата на 64-та седница донесе Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, со која го задолжи МВР во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, да ги достави до ДИК податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик, односно листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кој основ и кои ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба. МВР треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, односно дваесет и вториот ден од престанокот на траењето на вонредна состојба. Уредбата определува дека ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.
Согласно уредбата, основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, се должни да ги достават до ДИК податоците за граѓаните, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, појаснуваат од Влада.
Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ДИК и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, согласно оваа уредба и согласно Изборниот законик.
Министерството за здравство, е должно, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од ДИК, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место. Според информациите од ДИК, во врска со обезбедување на заштитната опрема за изборите, членовите на Комисијата со владини претставници ќе имаат во понеделник.