Македонија 24. мај 2020. / 09:10

Денеска се слави Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј

Денеска се слави Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј

Македонија денеска го чествува Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.

Во XI век Црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Денот во Македонија првпат бил одбележан на 11 мај 1860 година во црквата Св. Богородица во Скопје.

Датумот е избран бидејќи го означува датумот кога започнала Моравската мисија.

Сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј се родени во Солун, во семејство на угледни и образовани родители. Тие се првите словенски учители и светители, основоположници на словенската писменост и литература.

Браќата Кирил и Методиј се најмладиот и најстариот син на Лав и Марија, инаку богато византиско семејство кое живеело во Солун. Растејќи во побожно семејство Кирил и Методиј од најмали години биле учени да ги следат начелата на христијанството.

Како високо образовани, браќата Кирил и Методиј биле ценети во византискиот двор од каде добивале одговорни задачи како на пример познатата Моравска мисија која имала за цел ширење на христијанството кај народите во Византија и наметнување на византиската црковна власт.

Кога хазарскиот цар Каган побарал од царот Михаил проповедници на верата во Исус Христос, тогаш на заповед на царот, Кирил и Методиј биле испратени меѓу Хазарите. Откако го увериле Каган во верата Христова, тие го крстиле овој цар и голем број негови доглавници и уште помногуброен народ. По извесно време солунските браќа во Цариград, ја напишале словенската азбука од триесет и осум букви и на тој начин започнале да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски.

По смртта на Кирил на 14 февруари 869 година и Методиј на 5 април 885 година, мисијата за ширење на христијанството и словенската писменост ја продолжуваат нивните ученици на чело со Климент и Наум Охридски.

24 мај- Денот на солунските браќа Кирил и Медориј го празнува целиот Словенски народ. Во 1880 година папата Лав 13 ја вовел нивната слава во календарт на Римокатоличката црква, а во 1980 година словенските просветители Св. Кирил и Методиј од страна на Јован Павле Втори биле прогласени за копатрони на Европа.