Македонија 02. јуни 2020. / 09:48

Денеска Катица Јанева со завршни зборови за „Рекет“

Денеска Катица Јанева со завршни зборови за „Рекет“

Случајот „Рекет“ денеска влегува во својата завршница. По вчерашните завршни зборови на првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 и неговата одбрана, денеска тоа треба да го сторат и второобвинетата Катица Јанева, поранешна шефица на Специјалното јавно обвинителство, и нејзините адвокати. Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања.

По денешното рочиште, ќе остане да се закаже уште датум за изрекување на пресуда.

Првообвинетиот Јовановски во неговите завршни зборови вчера рече дека ако се суди според доказите, кои обвинителството не ги презентирало, тогаш тие би требало да добијат ослободителна пресуда, а ако заиграат црвените телефони, рече тој, може да дојде и до драконски казни.

Завршните зборови на обвинителството, пак, обвинителката Вилма Русковска ги кажа пред една недела на рочиште кое се одржа на 26 мај.

Третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец уште на почетокот на судењето, што почна на 3 декември минатата година, ја призна вината за примање награда за противзаконито влијание и доби затворска казна од три години. Неговата пресуда сè уште не е правосилна, бидејќи за тоа неа треба да се изјасни и Апелација до каде што тој заедно со својот адвокат има поднесено жалба за висината на казната.