Македонија 30. март 2020. / 11:44

Денеска истекува рокот за самоизолација на судиите од Врховен и на Судскиот совет

Денеска истекува рокот за самоизолација на судиите од Врховен и на Судскиот совет

Денеска истекува рокот од 14 дена за самоизолација на членови на Врховниот суд и на Судскиот совет, кои имале контакт со заболениот новоизбран судија во Врховен од Тетово. Од утре, пак, според очекувањата, треба да почнат и тестирањата за корона вирусот, по што ќе се знае дали меѓу нив има новозаболени или ќе се вратат на редовните работни обврски.

На последната прес-конференција и министерот за здравство Венко Филипче потврди дека од денеска ќе има активности поврзани со овие институции.

-Ќе има активности Службата за епидемиологија од Скопје и Центарот за јавно здравје согласно податоците и информациите, што ги имаме, и во овие институции почнувајќи практично од почетокот на идната недела, изјави Филипче.

Новите членови на Врховниот суд, меѓу кои и заболениот, дадоа свечена изјава пред членовите на Судскиот совет на 16 март. Во меѓувреме, до тестирањето на судијата, тој имал контакти и со вработени во Апелациониот суд, каде што дотогаш били судија.

Токму со ова се поврзува и последното соопштение на Апелација дека се одложуваат судските процесите до крајот на април. За судиите и вработените од Апелација, со кои заболениот судија имал контакти, истекува за неколку дена.