Премиерот Зоран Заев прими делегација на Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во која беа Ричард Мур, генерален директор за политички прашања и раководителката на Одделот за Албанија, Косово и Македонија во Секторот за Западен Балкан Кетрин Барнс, соопшти владината прес-служба.
На средбата, премиерот Заев се заблагодарил за континуираната поддршка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска позитивно оценувајќи ги билатералните односи и политичкиот дијалог кој на највисоко ниво се води меѓу двете земји.
Во рамки на состанокот со Заев, претставниците на британската Влада го поздравиле Договорот помеѓу Македонија и Грција за прашањето за името и стратегиска соработка, изразувајќи уверување дека подобрувањето на односите со Грција и со останатите соседи додава енергија за остварување на перспективите на Македонија во Европската унија и НАТО.
На средбата станало збор и за детали од претстојниот Самит посветен на Западен Балкан, во рамки на Берлинскиот процес, кој ќе се одржи на 9 и 10 јули во Лондон, а на кој една од главните теми ќе биде помош при дигиталната трансформација.