ДЕКЛАРАЦИЈА на студентите од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје во врска со актуелните македонско-бугарски односи:
1. Ние, студентите на Институтот за Историја, сметаме дека научните спорови треба да ги решаваат компетентни научни работници од соодветните области. Според нас, улогата на политиката во овој процес е да обезбеди услови за непречено одвивање на научната дискусија. Затоа, се оградуваме од сите своеволни и ненаучни толкувања на разни политички претставници, кои се произнесоа по овие прашања изминатиов период.
2. Подобрувањето на односите меѓу Република Бугарија и Република Македонија е нешто што го очекуваме и посакуваме. Како идни историчари, свесни сме за опасностите од креирање на нови „железни завеси“; нашите земји треба да се стремат кон општи вредности и да се развиваат на општествено економски план, без да бидат прогонувани од чинители со националистички, шовинистички и ксенофобни ставови. Ги осудуваме сите вакви пројави што се појавија, и ќе се појават во иднина, од двете страни.
3. Ние ја поддржуваме полната културна, научна и економска соработка со Република Бугарија, како и со сите други земји. Но, исто така сметаме и дека односите меѓу две соседни држави треба да се темелат врз меѓународното право и широко прифатените хуманистички и цивилизациски принципи. Затоа, ги поддржуваме сите чинители кои се залагаат за соработка со соседна Бугарија врз основа на целосно меѓусебно признавање и почитување на различностите. Секоја изјава од високи политички позиции која содржи негаторски став кон Република Македонија, македонскиот народ и сите граѓани на македонска држава, ја доживуваме како навраќање кон некои минати идеологии, преку кои се вршеа обиди за негирање и асимилација на македонскиот народ и на сите граѓани на денешна Република Македонија.
4. Сметаме дека евроинтегративните процеси не смеат да се базираат и опструираат поради замислени идентитетски спорови. Доколку условот за почеток за преговори со ЕУ е промена на македонскиот идентитет, историја и на македонскиот јазик – ние остро се спротиставуваме и сметаме дека таквите преговори се беспредметни и треба да се напуштат.
Се надеваме на поддршка и соработка од официјалните институции и Владата во одбарана и зачувување на македонскиот јазик, македонската историја и култура и идентитетот на Република Македонија.
Студентите од Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје