Македонија 24. март 2020. / 16:53

Датум за преговори со ЕУ нема – одлука за почеток на преговори има!

Датум за преговори со ЕУ нема – одлука за почеток на преговори има!

Власта изгледа повторно сака да лета со авион за да направи селфи и на тој начин да го „овековечи“ грандиозното достигнување-тоа што земјите членки на Европската Унија постигнале политичка согласност за отворање преговори за членство на Македонија и Албанија, ама притоа заборавиле да го соопштат датумот за почеток на тие преговори. Штета што има забрана за полетување и слетување од скопскиот аеродром поради пандемијата со корона вирусот, зашто на нашите претставници на власта толку им треба. Веднаш ќе полетаа за Брисел за да одиграат една партија-јамб во најава.

Вака некако му доаѓа ситуацијата по денешната вест од Брисел. Нема точен датум за почеток на преговори, ама има „мапа за започнување преговори“ или “услови кои мора да се исполнети што треба да е стимулација за неопходни реформи“. Но, и тоа е доволно во ситуација кога нема граѓанин, кој не е изваден од памет заради корона вирусот и воведените вонредни мерки, власта да започне уште една, нова пропагандна или пропагандистичка војна. Па, така најлесно се собираат ловориките за било кој успех, што треба со брзина на светлината да се приграби само за себе и за никој друг. Тоа што досега и претходно имало влади, кои работеле на тоа и не е толку важно. Важно е тоа што претставува национален или општ, државен успех да биде на пиедесталот на власта.

А, таа, саможивнички расположена, како и секогаш, впрочем, ќе не прави неписмени, слепи при очи и глуви при уши. Доволно е само да се види радосната содржина на пораката на екс-премиерот Зоран Заев. Почнуваме преговори, готово. Кога? Нема одговор! Нема веќе никакви пречки ниту услови. А, „има услови кои мора да се исполнети што треба да е стимулација за неопходни реформи“? За кои услови сега се пишува? И пак не се споменува датум. Ај, нека помине пандемијата со корона вирусот, па ќе видиме.

Чудно е тоа што, на пример, кога Србија или Црна Гора ги почнуваа преговорите за членство во ЕУ, двете држави добија документи со точно наведени датуми кога стартуваат преговорите.

И еврокомесарот за проширување на Унијата, Оливер Вархеји, во Твитер пораката за  денешната одлука, исто така, не прецизираше кога точно може да се очекува отпочнувањето на преговорите.

А, преговори се почнуваат тогаш кога ќе биде донесени заклучоци на меѓувладината конференција која го означува формалното отворање на поглавјата, а претходно Европската Комисија треба да изготви преговарачка рамка, која исто така треба да биде усвоена од страна на земјите членки. Со оглед на неизвесноста поради корона вирусот, никој не се осмелува да лицитира со датуми за сега. Македонија исто така ќе треба да ја подготви својата преговарачка позиција во пресрет на стартот на овој процес.

Дотогаш се е само политичка пропаганда. Да биде иронијата поголема, токму во време на светска пандемија од која последиците допрва не очекуваат.

Во тој контекст, техничкиот премиер Оливер Спасовски и двајцата министри Никола Димитров и Бујар Османи денеска му го земаа приматот на министерот Венко Филипче. Токму во терминот кога требаше да се одржи редовната прес-конференција посветена на состојбата со корона вирусот во земјата, тие излегоa во Владината прес-сала. Денешната информација се покажа поважна од здравјето на граѓаните.<