Новиот претседател на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) вели дека претпоставува дека изборот на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи него за претседател на ова тело е затоа што тој има искуство.
Ако бирате некој човек, вели тој, гледате дали ја познава работата, а не дали има некои партиски заслуги.
„Ќе дадам еден банален пример, иако можеби е неумесен, ама не знам како да го објаснам зашто луѓето не го сфаќаат така како што треба: Тоа би било исто како да ставите некој одбојкар да игра фудбал. Јас сум бил три години член на ДИК, претходно три пати сум бил во Општински изборни комисии, сега да не испадне дека се фалам, но имам големо искуство во таа проблематика. Имам и меѓународно искуство, кога бев во ДИК сум бил на повеќе конференции, сум бил и во Америка, така што сакам да кажам дека претпоставувам дека изборот бил поради тоа, поради тоа што јас сум искусен во оваа проблематика и во други проблематики, бидејќи веќе сум многу повозрасен од тогаш и дека ќе ја завршам работата стручно и професионално, бидејќи така пишува во законот. Штом ќе ве предложи партијата, вие треба да работите стручно и професионално, во согласност со закон. Значи, ако треба така, тогаш треба човек кој ја познава проблематиката за да не дојде до тоа да се случи нешто што не треба. Веќе сме сведоци на една таква работа“,вели Даштевски.
Тој потенцира дека ДИК мора да работи двојно повеќе и професионално за да ја врати довербата и потсетува дека во 2006 кога тој беше член, првпат се спровело објавување на резултатите.
Даштевски зборува и за хакерскиот напад за време на последните парламентарни избори во јули 2020, па нагласува дека не е информиран до каде е разврската бидејќи сега дошол во ДИК, но мисли дека ќе се докаже виновникот.
Во интервјуто, тој зборува и за тоа што Комисијата за заштита од дискриминација, додека беше претседател, стави потпис на мислењето дека Никола Груевски е дискриминиран во случајот „Тенк“, кое експремиерот го искористи и за да побара азил во Унгарија.
„Поентата е да се работи професионално и во согласност со законот. Јас, освен за тоа што ме критикуваат, немам никаква грешка. Се работи за тело, посебно во ова тело мнозинството е од владејачката партија, така што тука нема дилема, нормално дека ќе ме надгласаат. Во Комисијата 20 пати ме надгласуваа. Таа одлука беше донесена со 5 – 1, а со четири гласа е полноважна. Мене 20 пати ме надгласале и јас како претседател морам да потпишам, надгласан сум, не мислам така и морам да потпишам“, вели Даштевски кој е уверен и дека доколку дојде случајот до Стразбур, и таму ќе се одлучи исто како и Комисијата.
Во однос на поголема заштита од хакетски напади, Даштевски вели
Сега почнуваме да работиме на тој план и се надевам дека ќе успееме за следните избори да не се случи истата грешка и почнуваме да работиме на други прашања кои се од суштинско значење за ДИК, односно за изборите. Сметам дека повеќето од работите кои се предвидени со законот, бидејќи ние не го правиме законот, туку го спроведуваме, дека ќе успееме да ги реализираме, што ќе значи многу подобар и подемократски, пофер и слободен гласачки процес.
Целото интервју можете да го погледнете ТУКА.