Потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски, при гостувањето во емисијата „24 анализа“ на „ТВ 24“ изјави дека ставот на СДСМ е дека во средината на јуни има можност за организирање избори.
Според Манчевски, мора да се искористи првата можност за организирање избори.
Што ќе правиме ако наесен имаме поголем интензитет на вирусот? Мора да ја искористиме првата можност за организирање избори. Од Комисијата за заразни болести знаат кои се кластерите и затоа тестирањето е насочено кон тие територии. Лажниот негативен тест е најопасен, а прекумерното тестирање во период на инкубација може да се создаде лажна информација дека нема заразени – наведе Манчевски.
Во однос на датумот за одржување на изборите вели дека нема да се прави ништо спротивно од она што го кажува Комисијата за заразни болести.
Ако од одредени причини не е возможно на тој датум да се одржат, ќе го почитуваме тоа – рече Манчевски.
Според него, сега отежнителна околност е тоа што немаме Собрание.
Ако подолг временски период нема избори, ќе мора да се продолжи вонредната состојба. Индициите велат ако сега има намалување на вирусот, а наесен повторно се појави, тогаш сега треба да се искористи шансата за избори. Ако решиме дека нема вонредна состојба, тогаш оваа влада треба да продолжи со роковите каде што застанаа и изборите да се случат – посочи Манчевски.